Ешерихија коли во дел од гевгелискиот водовод разболела 120 граѓани на три села
Во водата за пиење во селото Стојаково од изминатата недела, на 27 август, има бактерија ешерихија коли. Таа е причина што 120 жители на ова и селата Селемија и Богородица во општините Гевгелија и Богданци, во ист ден и за само два часа, барале лекарска помош во службата за Итна медицинска помош. Граѓаните имале нагон или повраќале, болки во стомак и течни столици, биле дехидрирани и голем дел од нив со потешка клиничка слика завршиле во Болницата во Гевгелија. Лекаритеод Брза помош укажале дека се појавила хидрична епидемија а епидемиолозите на подрачната служба на Центарот за јавно здравје во Велес излегле и зеле примероци на вода и од столица на заболните граѓани, рече директорот Тони Димитриев.
– Кога нашата епидемиолошка служба излегла на терен веднаш констатирала дека проблемот е предизвикан од користењето на водата за пиење, бидејки селата пијат вода од ист водовод, од градскиот водовод од кој се снабдуваат сите три села. Иако се тие во две различни општини.
Кога епидемиолозите издале наредба за забрана за водата за пиење, итно хиперхлорирање и континуирано следење на количеството на хлор во водоводот од ЈКП Комуналец во Гевгелија дознале дека тие два дена претходно отстраниле дефект токму на кракот од мрежата што ги снабдува трите села, рече епидемиологот од Гевгелија д-р Сашко Олумчев.
– Веднаш по информацијата за отстранетиот дефект беше поставена индикација за постоење на хидрична епидемија.За прекинот на водоснабдувањето ни потврди и локално население. Во службата за Итна помош се евидентирани 120 пациенти. Триесет и осум се испратени на болничко лекување со тешка симптологија а девет се задржани на болничко лекување. Седум од нив веќе се пуштени на домашно лекување. Ние веднаш издадовме наредба за хиперхлорирање што е извршено во вечерните часови на 27 август.
Првичните резултати од анализите што ги сработил Центарот во Велес потврдиле дека станува збор за хидрична епидемија предизвикана од бактеријата ешерихија коли, вели микробиологот д-р Анастасија Иванова.
– Резултатите на анализите од 27 август покажаа дека станува збор за колифорни бактерии со доста висок титер, присуство на ешерихија коли или полифорна бактерија од фекално загадување. Повторените анализи од 29 август покажаа подобрување на состојбата освен во село Стојаково каде сеуште има одржување на високиот титер и присуство на бактеријата ешерихија коли.
Но, микробиолозите констатирале дека и во примероците на вода што биле земени откако гевгелиски ЈКП Комуналец извршил хлорирање на водоводната мрежа што ја користат околу 3 илјади граѓани во трите населени места има помали количества хлор. Тоа е причина што сеуште не е за пиење водата во Стојаково.
Сега во гевгелиската Болница се лекуваат уште двајца граѓани но и понатаму на сила е забраната за пиење на водата во селото Стојаково. Од Центарот за јавно здравје побараа да не се повтори пропустот да не бидат информирани за дефекти во водоводната мрежа бидејќи само навреме направените анализи можат да спречат вакви и потешки форми на зарази./У.Ј