СДСМ бара веднаш да престане незаконската изградба на кружниот тек над Гимназија а општина Велес тврди дека нејзината градба била законска
Иако пред еден месец од СДСМ добронамерно му порачале на градоначалникот Славчо Чадиев до крајот на мандатот освен неопходните да не презема никакви градежни и други активности преку кои ќе им се додворува на избирачите, туку следните приходи да се наменат за раздолжување на општината тој продолжува со редовната пракса на партијата ВМРО ДПМНЕ, пред избори да започнуваат изградба на објекти, рече денеска портпаролката на СДСМ Весна Стојанова Богоевска.
Таа на денешната прес конференција го потсети градоначалникот и актуелен кандидат за нов градоначалнички мандат дека доколку општината ја остави незаконски задолжена, ќе се соочи со лицето на правдата и за тоа кривично ќе одговара според законските прописи.
– За жал тој ги игнорираше нашите апели и продолжи со неодговорното, недомаќинско и незаконско трошење на народните пари.Тоа е уште еден доказ за паниката, безидејноста и агонијата на ВМРО – ДПМНЕ, бидејќи знаат дека ги очекува тежок пораз на претстојните локални избори, рече Стојанова Богоевска
СДСМ го повика градоначалникот Чадиев и градежните инспектори да наредат веднаш да престанат сите градежни активности на кружниот тек на одвивање на сообраќајот пред Гимназијата заради следното грубо кршење на законските прописи:
– Не е утврден посебен времен режим на одвивање на сообраќајот на оваа значајна крстосница, не е одобрен проект и не е добиено одобрение од сообраќајната полиција на МВР со што е загрозена безбедноста на граѓаните, возачите, а за неколку денови и на учениците. Не се добиени потребните неопходни согласности од ЈКП Дервен затоа што на тоа место поминуваат значајни подземни инсталации, како и од ЕВН и другите оператори кои имаат подземна инфраструктура во просторот што ќе го зафати кружниот тек. Не се обезбедени финансиски средства туку се гради на вересија, со што грубо се крши Законот за финансирање на ЕЛС, затоа што општина Велес која и без тоа е во долгови до гуша се задолжува без одобрение на Министерството за финансии, рече Стојанова Богоевска.
Доколку Чадиев и градежната инспекција не ја стопираат изградбата, локалната опозиција во интерес на граѓаните соопшти дека, веднаш ќе побара Државниот градежен инспекторат да направи инспекциски увид и да наложи запирање на изградбата како и дека ќе побара од Антикорупциска комисија да го испита овој случај во кој СДСМ гледа грубо кршење на законските прописи и ќе превземат соодветни законски постапки против Чадиев, кој според нив за четири и пол години не изгради ниеден голем капитален објект, а сега сака со народни пари да си прави кампања пред избори што е строго забрането со закон.
Од општина Велес прес конференцијата на СДСМ ја нарекоа безидејна со цел да се оцрни работата на општината како и уште еден обид да се дискредитира работата на Градоначалникот Чадие. в и Општина Велес.Тврдејќи дека Градоначалникот и службите во Општината работата исклучиво по закон од таму соопштија дека биле целосно невистинити информациите за законски прекршок кога е во прашање изградбата на кружниот тек. Во писмената реакција стои:
„Изборниот законик вели: Од денот на донесувањето на одлуката за распишување на избори не може да се започне изградба со средства од буџетот или од јавни фондови или со средства на јавни претпријатија и други правни лица што располагаат со државен капитал на нови објекти во инфраструктурата како патишта, водоводи, далноводи, канализација, спортски игралишта и други објекти или објекти за општествени дејности училишта, градинки и други објекти, освен ако за таа намена претходно се обезбедени средства од буџетот, односно се работи за реализација на програма донесена врз основа на закон во тековната година. Токму кружниот тек кај Гимназијата е дел од програмата за работа во тековната 2017 година и за истиот се обезбедени средства во Буџетот на Општина Велес,“ пишуваа во реакцијата на општина Велес.
Од таму додаваат дека биле добиени дозволи за изведување на овој проект од ЈКП Дервен, ЕВН и останатите институции. До СВР Велес било поднесено сообраќајно решение за движење на моторните возила во периодот кога ќе се изведува градбата на објектот./У.Ј