Вицепремиерот Анѓушев на средба со велешките бизнисмени: Помош и субвенции од државата според постигнати резултати
Подеднаков третман на домашните и на странските компании во Македонија кои на помош и субвенции од државата ќе можат да сметаат според постигнати резултати а не по список на желби. Со спроведување на владините економски мерки ќе треба да се креираат нови работни места, да се поттикнуваат инвестиции и обновување на технологии. Ова денеска го слушнаа над педесеттина сопственици на компании, мали и средни претпријатија во Велес од вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев.
-Ова се само мал дел од повеќето планирани мерки на Владата што ќе ги тангираат и малите и големите претпријатија со кои ќе обезбедиме раст на производството а со нивното реализирање и зголемување на животниот стандард на граѓаните во Република Македонија, рече вицепремиерот Анѓушев.
Соопштувајќи бројни случаи на утврдени неправилности и недоследности во работата на старата Влада, Анѓушев на бизнисмените им рече дека стои на располагање за разговор и информации. Toj ги советуваше дека нема да имаат потреба од страв од наместени тендери, од провизии како и од ургенции.
На двочасовната средба бизнисмените на Анѓушев му поставија голем број на прашања. Тие се интересираа за поевтина електрична енергија, примена на обновливи извори на енергија, субвенции за одгледување на земјоделски култури, овци и добиток, за примена на нови производствени машини,за промоции на фирмите во странство и стимулации за извозно орјентираните фирми. Анѓушев одговори и на прашањата со кои бизнисмените побараа враќање во Велес на на регионалната канцеларија на УЈП, Бирото за развој на образованието, на Царинската управа и др.
– Мерките се исклучително добри затоа што се засновани на реални критериуми а не на начин на кој досега досега се доделуваа. Најважно е што и во земјоделството и во индустријата субвенцијата и помошта што ќе ја дава државата ќе бидат насочени кон фирмите кои ќе продуцираат развој што ќе значи дека ќе отвораат нови работни места и ќе овозможат развој. Досега беше многу нелогично субвенции да добиваат и земјоделците и комбинатите а цело време да се намалува бројот на овци и крави, хектарите со винова лоза и слично, рече бизнисменот Аце Коцевски.
– Ние сме заинтересирани за се што ќе овозможи зголемување на финансиските и производствените резултати на компаниите кои пак повлекуваат зголемување на вработеноста. Јас ќе кажам личен став. Помеѓу другото банките се заинтересирани и за профит значи за пласирање и оплодување на сретствата. Во ситуација кога компаниите би имале добри проекти мислам дека ниту една банка не би се повлекла, рече банкарот Тоше Левков.
Исто така на денешната средба вицепремиерот Анѓушев даде оценка на состојбата на велешкото стопанство.
– Јас сум роден во овој град и се сеќавам на времето кога Велес имаше 19.000 вработени во индустријата што денеска не е така бидејќи тој број е многу помал. Жално е што се направи лоша приватизација, што некои компании се затворија а имаа можност да работат . Но таа состојба е таква а ние како Влада ќе направиме се за поддршки со браунд фил инвестиции што значи да се рестартираат постојните капацитети. И за тоа ќе има мерки во програмата што ќе биде објавена во месец септември. Јас се надевам дека програмата ќе помогне да зајакнат и да бидат обновени некои од постоечките капацитети во градот, рече Анѓушев.
Денешната средба на бизнисмените и вицепремиерот Кочо Анѓушев ја организираше Регионалната канцеларија на Стопанската комора на Македонија во Велес. /У.Ј