Локалната опозиција обвини за големи и неподмирени обврски на општина Велес кои за Градоначалникот Чадиев се последица токму на политичката криза создадена од СДСМ во земјава
Општина Велес, во првите шест месеци од годинава, има доспеани а не подмирени големи обврски. Сумата е на највисоко ниво до сега и изнесуваат над 86 милиони денари, додека реализацијата на приходите на буџетската сметка е поразителна и изнесува само 24%, обелодени на денешната прес конференција портпаролката на СДСМ Весна Стојанова Богоевска.
– Капиталните инвестиции на општината се со многу низок процент на реализација, а урбанистичкото планирање има само 1% реализација. Реализацијата на инвестициите за изградба и реконструкција на локални патишта и улици се со 11%, а проектите за енергетска ефикасност се со 0% реализација. Со 0% реализација е и изградба на сообраќајна сигнализација, како и изградбата на паркинзи, рече Стојанова Богоевска.
Таа потсети дека затоа СДСМ постојано алармирал за реално лошата состојба во која се наоѓа општината која не реализирала ниту една капитална инвестиција за заштита на животната средина и природата, за културата и творештвото, за противпожарната заштита, за библиотекарството, за основното и средно образование. Тоа за локалната опозиција претставува доказ за неспособноста и неодговорноста на Општината предовдена од Чадиев и ВМРО-ДПМНЕ.
Градоначалникот Славчо Чадиев пак не ги демантираше обвинувањата од СДСМ. Тој потврди дека ситуацијата со општинскиот Буџет до пред три дена била лоша како последица на тоа што токму СДСМ не успеал неколку месеци по ланските парламентарни избори да состави Влада и што потоа лошата политичката ситуација во земјата влијаела врз севкупниот живот а во првиот квартал на тековната година и врз реализацијата на Буџетот. Така до пред три дена реализацијата на Буџетот изнесувала од 17 до 18 отсто а сега да достигне 33 отсто.
– Слична е состојбата и во општините во кои градоначалниците се од СДСМ. Во исчекување на формирање на новата Влада еден месец градоначалниците немаа право на потписи. Тоа доведе до ситуација на стенд бај во делот на капиталните приходи, да не можеме да продаваме земјиште ниту да објавуваме почеток на некои други инвестиции кои зависеа од формирањето на Владата. Се ова е поттикнато од тоа што СДСМ нема што друго да каже. Гледаат дека во Велес се гради. Деновиве граѓаните го добиваат и Отчетот на Градоначалникот во кој се набележани сите 370 проекти. И не се само тие. Деновиве почнаа да се работат други проекти и ќе се работат додека сум јас градоначалник, рече Чадиев.
Тој изрази надеж дека во третиот и во четвртиот квартал од годината состојбата ќе се подобрела./У.Ј