Четириесет и седумгодишен велешанец претепал сопруга
За тепање со тупаници и телефон по глава, со клоци по целото тело и за закана со пиштол кон неа и кон двајцата синови го пријавила во СВР Велес својот сопруг, четириесет и петгодишната велешанка Б.Ѓ. Две години постариот сопруг, А.Ѓ. е лишен од слобода и задржан во Полициска станица – Велес за понатамошна постапка.Од МВР соопштија дека се работи на целосно расчистување на случајот.
Тепаната и малтретирана жена пријавила во полиција дека на 27 август 2017 година околу 19,00 часот сопругот ја удрил со телефон по глава, а потоа почнал и да ја удира со тупаници и клоци во пределот на телото и главата, по што и го зел телефонот и заминал од куќата. Тој се вратил дома ден подоцна, околу полноќ, кога прво почнал да ја навредува, за во еден момент да го земе пиштолот, кој го поседувал со дозвола, да ја скрши вратата од собата и повторно да започне да ја удира сопругата Б.Ѓ во пределот на главата, по што таа паднала во бесознание. Нејзините синови ја пренеле во болницата во Велес.
– Пациентката е примена на хирушкото одделение со повреди нанесени од тап предмет и од физички удари на нозе и раце во пределот на главата, поглавјето, лицето, рацете и нозете кои и предизвикале отоци. И беше укажана медицинска помош од хирург, дадена терапија а потоа поради стресот ја препративме на Неуролошкото одделение во болницата, рече началникот на хирушкото одделение д-р Влатко Вишинов.
Според пријавата на тепаната жена, во еден момент, нејзиниот сопруг А.Ѓ. го вперил пиштолот во неа и во двајцата синови заканувајќи се по нивниот живот за потоа да замине од дома. /У.Ј