Сосед уби сосед во Велес (ОБНОВЕНО)
Трагите со крв, медицинската ракавица и газите расфрлани пред влезните врати на куќите со редни броеви 129 и 131 на улицата „Коле Цветков“во Велес покажуваа дека ноќеска таму се одвивала семејна драма со фатални последици по еден човечки живот. Соседот, четириесет и шест годишниот С.В околу 2 часот по полноќ со поголем чекан ја скршил влезната врата и влегол во домот на соседите и го убил Д.Н 965), тешко ја повредил неговата сопруга Л.Н (54) и им нанел повреди по главите и телата на ќерката Т.Н (30), на братот Т.Н (63) и на снаата на убиениот, В.Н (53).
Сите повредени ноќеска се пренесени во Болницата во Велес. Поради влошена здравствена состојба сопругата на убиениот веднаш е транспортирана на Клиниката за Неврологија во Скопје додека тројцата останати членови на семејството се задржани на лекување во велешката Болница, рече хирургот д-р Влатко Вишинов.
– Пет лица се примени на хирушкото одделение. Еден маж по триесетина минути од приемот почина поради последиците од здобиените повреди како што се скршеници на череп и крварење во мозокот. Не одговори на реанимацијата и почина. Неговата сопруга имаше повеќекратни скршеници на черепот и крварење во мозокот. По реанимацијата веднаш е транспортирана во Неврохирушката клиника во Скопје, рече д-р Вишинов.
Според Јавното Обвинителство ноќеска соседот С.В прво влегол во собата каде спиела ќерката на убиениот и ја удрил со чекан по глава при што ја повредил. Во тој момент во собата влегле нејзините родители па и нив ги удрил со чеканот по главата, нанесувајќи им тешки телесни повреди, од кои подоцна таткото починал. Потоа со чеканот ги удрил и братот и снаата на убиениот кога по викотниците за помош се обиделе да се качат по скалите од приземјето на катот во куќата. Потоа дошол таткото на насилникот го извлекол од местото на настанот и го одвел во нивната куќа кога С.В на фејсбук објавил статус во кој известува дека ги убил „своите монструми“.
Денеска на улицата видно изненадена и вознемирена соседка раскажа дека двете семејства немале нарушени односи, не комуницирале но не се карале дури живееле и едно до друго без да изградат ѕид и да го поделат дворот.
– Они се добри соседи. Нивните стари меѓусебно многу живееја а сега помладиве не разговараа ама никогаш се немаа скарано, рече соседката.
Увидна екипа на СВР Велес и Јавен обвинител направиле увид на местото на настанот. Телото на убиениот по наредба на Јавен обвинител е пренесено на обдукција во Скопје. Насилникот С.В. е лишен од слобода и задржан во СВР Велес до изведување пред суд. /У.Ј