Државата, годинава, се откажа од климатската рехабилитација но не и родителите на децата во Велес со болести кои се последица на три децениското загадување со тешки метали
Четириесет и три деца од Велес со нарушено здравје како последица од загадувањето со тешки метали, од денеска, се на воздушна рехабилитација во детското одморалиште Михајлово, на Кожув. Станува збор за деца што имаат болести на респираторниот тракт, на срце, анемии и алергии. Нивниот престој, за прв пат по петнаесет години, не го плаќа државата туку е на товар на родителите.
Тие побарале од Друштвото за грижа за здраво поколение во Велес и ова лето седум дена да ги однесе нивните деца на планина. Престојот им е потребен бидејќи им помага полесно да се справат со симптомите на болестите од кои боледуваат.
– Штом ќе се вратиме од климатската рехабилитација на децата ќе им бидат направени потребните медицински анализи кои ке покажат во каква здравствена состојба се. Сега за нив е значајно да го дишат планинскиот воздух и да претстојуваат во природа. Откако дефинитивно, по телефон ни беше соопштена одлуката дека државата годинава нема да ја организира климатската рехабилитација, родителите побараа и Друштвото овозможи да заминеме во Михајлово со тоа што престојот, кој чини 4.500 денари по дете, ќе се плаќа на три месечни рати. Тоа беше прифатливо за родителите, рече претседателката на Друштвото на родители за грижа за здраво поколение,Иванка Андова.
Општина Велес го помогнала престојот на децата на Кожув со 100.000 денари додека министерството за животна средина се откажа од плаќање на целосната сума што е потребна за климатската рехабилитација. Од таму, до денеска, не одговорија на новинарските прашања по кои и какви анализи или докази е донесена ниту ја обелоденија одлуката со која државата ја прекина климатската рехабилитација на болните деца од Велес како последица од три децениското загадување на градот со тешки метали.
Во изминатите 15 години климатското рехабилитирање на најранливата категорија, децата, беше единствената помош што велешани ја добиваа од македонските влади и државата како компензација за нарушеното здравје и деградираната животна средина од страна на поранешниот најголем загадувач, Топилницата. /У.Ј