Велешките Социјалдемократи обвинија за нови вработувања во општината од каде им реагираа на објавениот број на новопримени работници
По распишување на локалните избори, спротивно на законот, во општина Велес се вработија 10 лица, а во ЈКП Дервен 20 лица на определено време преку агенции за времени вработувања, обвини денеска СДСМ. Од велешката организација на оваа партија додадоа дека во овој момент општина Велес има повеќе од 100 редовно вработени и 47 вработени на определено време или три пати повеќе во споредба со времето кога тие управуваа со локалната власт во Велес.
– Во ЈКП Дервен состојбата е повеќе од загрижувачка. Вкупниот број на вработени од 230 е двојно зголемен. Ваквите неразумни, погубни и штетни политики се причина за големите долгови на општната и за големиот број ветени, а не остварени проекти од животно значење за граѓаните. Народски кажано, парите кои се слеваат во буџетот на општината и во ЈКП Дервен наместо да се трошат за изградба на улици, тротоари, паркинзи, водоводи, канализации, мостови, затворен пазар, училишта, детски градинки, за социјална помош, за набавка на современи нови возила за собирање на комуналниот отпад и за други проекти што ќе го подобрат животот на граѓаните, за жал се трошат за плати на непотребно вработени партиски членови на ВМРО-ДПМНЕ, рече портпаролката Весна Стојанова Богоевска.
Таа додаде дека во прашање биле огромни суми на пари.
– Потрошени се над 300 милиони денари или над 5 милони евра за последните четири и пол години. Тоа е премногу дури и за најбогатите општини. Затоа, почитувани сограѓани не се чудете зошто толку малку е направено. Вашите пари се трошени ненаменски, недомаќински и неодговорно. Вработувањата пред локалните избори го потврдуваат стравот на ВМРО-ДПМНЕ од пораз на претстојните локални избори, рече Стојанова Богоевска.
На прес конференцијата на СДСМ веднаш со соопштение реагираа од општината од каде напишаа дека станува збор за очигледна нервозна и панична реакција пред локалните избори.
„ Информациите и податоците не ви се точни сакаме да Ве информираме дека во Општина Велес, нема 10 ниту 20 нововработени, туку нови вработувања се седум, додека тројца од тие кои што ги неведувате се лица кои само волонтираат. Новите лица се вработени согласно планот за вработување кој е донесен на Советот на Општина Велес и тие ќе придонесат за навремени брзи и точни услуги за граѓаните, за реномето на општината и за високиот стандард во работењето,“ пишува во соопштението на општина Велес.
Од таму ги повикаа Социјалдемократите доколку мислат дека е прекршен законот да покажат кој член и во кои случаи е прекршен, наместо паушално да обвинуваат и додадоа дека Општина Велес работела исклучиво по закон и пропис./У.Ј