Шеесет и шест години од смртта на народниот учител и македонски великан Панко Брашнар
Длабоко врежан во историјата на македонскиот народ, велешанецот Панко Брашнар, целиот свој живот го посвети на борбата за ослободување на татковината од вековните окупатори. Неговата политичка активност е најистакната во временскиот период помеѓу двете светски војни. Брашнаров учествува во сите настани од тоа време во кралска Југославија. Тој е основач на Работничката социјалистичка партија по чија забрана продолжува да делува илегално. Не треба да се забори дека бил еден е од основачите на ВМРО Обединета кој заедно со повеќемина македонски дејци широко ја развиваат идејата помеѓу македонскиот народ.
– Тој бил следен од тогашната власт во Кралска Југославија. При еден обид легално да ја мине границата на тогашната држава со Австрија, Панко Брашнаров заедно со уште неколкумина свои истомисленици е уапсен и донесен во Велес. На судски процес со повеќемина членови на ВМРО Обединета ќе бидат осудени на повеќегодишни затворски казни. Брашнаров е осуден на 4-5 години затвор и одлежува еден дел во Велес а друг дел во Сремска Митровица. Истоштен од затворската казна тој прво се пасивизира за повторно стане активен во народно ослободителното движење против бугарскиот окупатор. Се приклучил и пролетта 1944 година стапил во Народно ослободителната војска на Македонија по што е избран за делегат на Првото заседание на АСНОМ одржано на 2 август 1944 година во манастирот Прохор Пчински. Како најстар делегат Брашнаров е претседавач што тој лично го доживува со емоции како остварување на вековниот сон на македонскиот народ да формира своја држава, рече Слободан Ников раководител на Подрачното одделение на Архивот на Македонија.
Тој потсети и на голготата низ која народниот учител ги минал последните години од својот живот како последица на неговото неприфаќање на Резолуцијата на Информбирото што е причина да биде повторно суден и испратен во 1951 година на двегодишно превоспитување на Голи Оток. Исцрпеноста и тешкиот живот на островот предизвикале на 13 јули 1951 година да престане да чука срцето на овој македонски великан. И покрај тоа што професионално бил учител тој никогаш не сакал да ги воспитува младите луѓе во духот на српската и бугарската окупација.
Градоначалникот Славчо Чадиев, советници и граѓани денеска пред споменикот на овој деец за национална слобода на македонскиот народ во неговиот роден град положија цвеќе и му оддадоа почит./У.Ј