Хабитат вдоми нови дванаесет семејства во „американската населба“ во Велес (ФОТО)
Семејствата добија станови во новата, петта зграда, во населбата Тунел изградена за семејства со ниски приходи од Велес. Сите семејства се дел од програмата за новоградби во Велес која е дел од традиционалната програма на Хабитат за градење на пристојни и достапни домови за семејства со ниски приходи. Семејствата ги добија клучевите од влезните врати на својот нов дом. Сите беа возбудени и среќни што решиле голем и сериозен проблем како што е обезбедување на простор за живеење.
– Чувството не можам да го опишам. Ова е наш нов почеток, мој и на сопругот како и на двете наши деца. Ке се случи овде, во оваа зграда. Сакам да се заблагодарам на Хабитат и на сите волонтери кои помагаа што побрзо да се изгради нашата зграда и ние да се вселиме во станот. Благодарам на сите донатори и на сите што денеска дојдоа и ни го направија овој ден посреќен, рече Андријана Босилкова во името на дванаесетте семејства станари во петтата зграда.
Зградите на Хабитат се градат со помош на донации кои ги испраќаат афилијациите на Хабитат од САД, како и со средства и труд вложени од волонтери кои доаѓаат од целиот свет на градилиштето во Велес за да ја помогнат изградбата на сите досега изградени станови во петте згради. Во моментов на изградбата на шестата зграда волонтираат петнаесет волонтери од Велика Британија. Бари Елдрид е лидерот на овој волонтерски тим.
– Иако сме во Велес само петнаесет луѓе ние сме многу поголем тип во нашиот град, со околу 200 волонтери, кои учествуваат во собирање на сретства и главно ја даваат поддршката за слични проекти како овој во Велес, рече Елдрид.
Петата зграда е со 12 стана и има корисна површина од 750 м2. Нејзинотото значење за семејствата, заедницата и Општина Велес е големо.
– Зградата е градена со донации на корпорации и меѓународни индивидуалци, главно од САД, и со труд на 1.400 волонтери кои во изградбата потрошиле повеќе од 10.000 работни денови на изградбата на овие пет згради. Од почетокот на градбата до сега вкупно 23 афилијации на Хабитат од САД и голем број на волонтери од целиот свет ја имаат помогнато изградбата вложувајќи над 1.000.000 долари. Сите тие, заедно со семејствата кои се сопственици на становите, вложуваат дел од својот ентузијазам, средства, време и труд за овие станови да бидат подостапниза оние на кои им се најпотребни, “рече Зоран Костов, извршен директор на Хабитат Македонија.
Меѓу првите што денеска на дванаесетте семејства им посака среќни моменти во новиот дом беше вицепремиерот Кочо Анѓушев.
-Јас ја користам можноста во свое и во име на Владата да им го честитат вселувањето на граѓаните во становите и да кажам дека Владата секогаш ќе ги поддржува ваквите проекти кои се од општокорисно добро за граѓаните а сега, во овој случај во Велес. На Хабитат сакам да им честитам за се што сториле, организирале и реализирале за семејствата да добијат станови. Тоа воопшто не е лесно. Ние како Влада ќе направиме се што е потребно за да го олесниме градењето на вакви објекти, рече Анѓушев.
Градоначалникот на Велес, Славчо Чадиев соопшти дека е среќен што за неполна година од добивањето на сертификатите дванаесет семејства од Велес се обезбедени со нови живеалишта.
– Годинава Хабитат и општина Велес одбележуваат децениски јубилеј од соработката. Ископаните темели на шестата зграда се потврда дека проектот ја постигнува целта. Општина Велес посакува соработката да продолжи. За неколку дена ќе заврши асвалтирањето на долната улица и потоа ќе ја асвалтираме горната улица. Ке создадеме услови за добар живот на овие граѓани и ќе бараме место каде ќе поставиме реквизити на детско паркче за овие прекрасни деца кои ќе живеат во становите, рече Чадиев.
Четирите згради во популарно наречената американска населба во Велес се изградија од 2009 до 2011 година. Во нив живеат вкупно 48 велешки семејства. Зградите се високи три ката, а становите се со големина од 49 м2 до 79 м2. Петата зграда, почна да се гради во 2013 година, завршена е деновиве и во неа има 12 нови станови со просечната големина од 61м2. Веднаш до неа веќе е започната изградбата и на 6-та зграда во која станови ќе добијат 12 нови семејства кои имаат потреба од пристоен и достапен дом. /У.Ј