Со рестрикции до вода за секое домаќинство во велешко Горно Оризари
Падна договор помеѓу жителите на селото Горно Оризари и градоначалникот на Велес, Славчо Чадиев за надминување на проблемот со водоснабдувањето. По два ипол месеци живот без вода во селото ќе се спроведуваат рестрикции. Според договорот, Горно Оризари е поделено на две зони што ќе овозможи кога во еден дел од денот вода ќе има едната зона во другиот дел од денот вода да има другата зона. За да нема злоупотреби ќе биде ангажиран локален жител со задача да ги надгледува, контролира и да се грижи за вентилите, пумпите и останатата опрема на цевководот, соопштија од општина Велес.
„Договорот е постигнат со цел да потечат славините и во мојата куќа“, рече Мујо Гичиќ. Тој е најстар жител во селото.
– Градоначалникот вети доколку се констатира дека проблемот го создаваат и пумпите тогаш ќе постави нови пумпи. Нема друго решение и ние жителите во селото го прифативме како разумно. А не сме задоволни со рестрикции да добиваме вода, рече Гичиќ.
На денешните 38 степени во центарот на селото и немаше други жители. Во нивно име Гичиќ рече дека очекувале општината да превземе мерки со кои целосно ќе го реши деценискиот проблем со водата за пиење. Жителите секој ден го гледаат цевководот низ кој тече водата од браната Лисиче до филтерната станица во Велес. Тој мине веднаш над нивното село. Но, цевката што од филтерната станица во Велес им носи вода до селото Горно Оризари не е доволно широка за да обезбеди проток потребен за 800 домаќинства.
– Никогаш немаше да имаме вода ако не почневме да протестираме. И ако не се среди сите во селото да имаме вода ние ќе излеземе на автопат Велес – Гевгелија и ќе го блокираме. Затоа нека се ангажира директорот на ЈКП Дервен и Градоначалникот за да не дојде до тоа, рече Гичиќ.
Од општина Велес пак денеска информираа дека биле отстранети сите дефекти, на водоводниот систем, поради кои немаше вода во горната зона во селото. Сега во Горно Оризари вода има. Во соопштението на локалната власт, исто така пишува, дека во меѓувреме чекале на одобрување на проектот за изградба на новиот цевковод од Министерството за транспорт и врски како долготрајно решение на проблемот со водоснабдувањето на Горно Оризари./У.Ј