Се реформира секторот за вода во Македонија
Од јануари 2018 година стапува на сила Законот за утврдување на цените на водните услуги. Примената на Законот ќе има за цел да воспостави систем за одржливо покривање на оправдани трошоци за испорака на водните услуги до граѓаните. За таа цел министерството за животна средина и просторно планирање спроведува проект „Реформи во секторот за вода на централно ниво“ финансиран од ИПА фондовите на Европската Унија.
Со овој проект се обезбедува техничка помош за Регулаторната комисија за енергетика и 17 Јавни комунални претпријатија во државата како пилот учесници во проектот.
Исто така дел од овој проект ќе бидат и граѓански здруженија како значаен фактор за развој на локалните заедници и ќе треба да вршат улога на внимателно набљудување на ефектите од реформите што претстојат.
Денеска беше одржана информативна работилница во Велес на која Тони Поповски, заменик тим водач и Елена Симоновска експерт за граѓански организации во проектот ги запознаа преставниците на граѓанските организации со имплементацијата на проектот, со правната рамка за воспоставување на новиот систем на покривање на трошоците за водни услуги и дискутираа за новините и предизвиците за локалните заедници.
Проект има за цел да понуди решенија со кои ќе се обезбеди одржлив систем со доволни и квалитетни количини вода за граѓаните, да појасни што ќе значат новите тарифи по кои ќе треба да се пресметува водата во локалните заедници, какви се предизвиците за граѓаните и заедницата и како можат граѓанските организации да придонесат во имплементацијата на оваа реформа./У.Ј