И бремените жени се соочуваат со дијабетесот
Во текот на бременоста една од дваесет жени во Македонија добиваат гестациски дијабет. Тоа е состојба на организмот кога нивото на шекерот во крвта е над дозволената вредност од 7 mmol. Ваквата состојба е загрижувачка за жената и плодот во утробата затоа што може да предизвика предвремено породување, спонтан абортус или раѓање на новороденче со поголема тежина од нормалните вредности и во најнепосакувана ситуација бебето да се роди со дијабетес.
Поттикнато од ваквата состојба кај бремените жени во државата здружението „Шеќерче – Лилипоп“ од Велес одржа предавање на кое асс. д-р Саша Јовановска Мишевска од Центарот за дијабет во ЈЗУ Универзитетска Клиника за Ендокринологија ги соопшти најновите податоци поврзани со појавата на состојбата со дијабетот кај бремените жени и ги едуцираше заинтересираните граѓани како да препоснаат и се однесуваат во текот на бременоста.
– Ова е само едно од повеќето предавања со кои здружението има во план да ја подигнува свеста кај граѓаните во Велес за состојбата со дијабетесот и која што веќе завзема пандемиски размери. Според препораките на здравствените експерти потребно е да се прават редовни, превентивни прегледи задолжителни во 21 гестациска недела за бремените жени. За граѓаните е многу важно да вршат почести контроли на состојбата со нивото на гликемија во крвта и да ги применуваат можните нови терапии како и режими на исхрана, рече претседателот на здружението, Димче Велев.
Пред почетокот на предавањето на сите присутни граѓани им беше направена бесплатна проверка на шекерот во крвта како и мерење на крвен притисок.
Така по трети пат се користеа апаратите за мерење на шекер донирани од фирмите Рош и Адриамед. Здружението доби и бесплатен апарат за мерење на притисок. Со неговиот помагател фирмата „Ново Нордиск фарм“ во Македонија планирани се серија од активности што ќе се случуваат во текот на годината./У.Ј