Настани од животот во Велес: Последна желба – со ромски оркестар и севдалинки на погреб
Се случило во Велес на 14 ноември 1932 година. Настанот го има запишано весникот „Време” што излегувал во Белград, тогашниот главен град на Кралството Југославија. Настанот бил интересен по тоа што во него има нешто невообичаено.
Новинарот на тогашно „Време” текстот го започнува вака:
„Пред извесно време се разболел велешкиот кафеџија Трајко Севдиновиќ. Целиот град го познавал Трајко како многу повлечен, сериозен човек и угледен граѓанин. Меѓутоа неговиот завет оставен на смртната постела предизвика општа сензација во цел Велес”.
Кога почувствувал дека му доаѓа крајот кафеџијата Трајко, како што тоа бидува, ги повикал трите сина Јордан, Ѓоше и Никола. Ги повикал и тогаш им ја соопштил последната желба- барањето на патот кон вечното почивалиште да го следи музика. Притоа тој им дал детални упатства како тоа да изгледа. Очигледно долго размислувал како да биде организиран неговиот погреб.
„Вчера беше погребот. Неговите синови уште рано наутро пред домот на Трајко донеле поголем ромски оркестар. Но, оркестарот не свирел погребни маршови, дури ни тажни песни, туку највесели народни песни и севдалинки. Додека музичарите свиреле весели народни песни, жените во црни марами и луѓе со сериозни лица доаѓаа во куќата на покојникот да изјават сочувство”, пишува „Време”.
Целата поворка што потоа се формирала од куќата на Трајко до градските гробишта ја следела музиката.
Оркестарот не престанувал да свири весели песни и тоа сè од националниот репертоар.
Големиот углед, продолжува понатаму текстот на „Време”, што го уживаше и оригиналниот погреб направија поворката до вечниот дом да стане една од најголемите за кои во Велес се памети.
Во весникот понатаму се вели дека за време на поминувањето на поворката низ Велес, на улиците и на прозорците на куќите излегувала толпа народ да го видат необичниот погреб на Трајко Севдиновиќ.
„На гробиштата, ромскиот оркестар за време на спуштањето во вечниот дом ја свиреше разделба- „Џезаил”, така тажно што придонесе сите присутни да се расплачат, завршува „Време”.
Погребот на Трајко Севдиновиќ на 14 ноември 1932 година уште долго се прераскажувал меѓу велешани.
Долго кафеџијата Трајко, токму заради погребот што добро го испланирал, особено во кафеанските муабетите, го споменувале жителите на Велес.
Токму заради ваквиот погреб и по 85 години кафеџијата Трајко го споменуваме и ние, заедно со неговите синови кои ја послушале и ја исполниле последната желба на својот татко.
Јосиф Џочков