Велешани сеуште се сеќаваат на мајсторството на калајџијата Дончо
Дончо Димов калајџијата бил еден од најпознатите мајстори во старата велешка чаршија. Го почитувале постарите и помладите во еснафот како и граѓаните. Тој особено бил ценет од дваесетината калајџии кои од него барале да научат нешто повеќе за занаетот што во 19 век бил многу распространет во градот и во Македонија. Да се калаиса тепсија, аранија или друг сад за приготвување храна било макотрпна и одговорна работна задача. Еднаш во годината садовите се калајлисувале и затоа само добрите мајстори, како мајстор Дончо, можеле тоа да го направат.
Сите стари велешки семејства услуги барале од него. Дуќанот на Дончо, кој се наоѓал во редот зад старата Гимназија,постојано бил полн со луѓе.
Со муштерии или со напредни велешани кои доаѓале да слушнат нешто повеќе за се што се случува на Балканот и во светот.
Синот на мајстор Дончо, Киро со пријатели пред калајџискиот дуќан во старата велешка чаршија
„Калајџискиот занает е тежок. Мораш да знаеш колку и на кој начин треба да ставиш калај на површината на тепсијата во која домаќинките подготвуваа зелник, месо, баклава и други велешки специјалитети. Секој занает има свои тајни, така и калајџискиот. Со љубов го учев занаетот од мојот татко, а тој пак го научил од некој си познат калајџија Турчин. Иако е црн и тежок, занаетот е убав. Јас го сакав. Сакав кога ќе ја калајлисав тепсијата сопственикот да биде задоволен. Тогаш и јас бев среќен. Од него направив куќа, и обезбедив сигурен живот на фамилијата, велел често дедо ми Дончо. Овие зборови ми ги раскажуваше татко Киро, се присети внукот на мајстор Дончо. Тој го носи името на својот дедо.
Мајстор Дончо од мали нозе работел како калајџија во дуќанот на татко му. Прво бил чирак, па калфа и на крајот станал мајстор. Се родил во 1870 година во Велес во занаетчиско семејство. Бил боем. Сакал по напорната работа да влезе и оди во кафеана, да муабети со граѓаните, да пивне чашка ракија, да се омези и да слушне убава народна песна.
Синот Киро со пријатели и занаетчии пред калајџискиот дуќан на татко му Дончо
Мајстор Дончо во 1911 година се оженил со Марија. Една година подоцна станале родители на ќерката Василка а пет години потоа и на синот Киро. Дончо и Марија живееле многу сложно и убаво. Живееле во убава куќа која се наоѓала недалеку од параклисот „Свети Ѓорѓија“, на левата страна на Велес. Дончо имал полни раце работа па често во дуќанот работел од утро до мрак. За навреме да ги заврши работите му помагале неколкумина чираци, а подоцна имал и калфи.
Синот на мајстор Дончо, Киро со пријатели
На почетокот, за време на Стара Југославија, на Дончо му помогал и неговиот син Киро, се додека не настрадал во железничката несреќа во 1942 година. Ќерката Василка , мајка на познатиот ракометен стручњак Панче Николов, со прекар Апашот, доживеала длабока старот. Починала во 1975 година.
„Дедо ми не го познавам но, се гордеам со тоа што за него слушам како бил голем мајстор на кого домаќинките му ги доверувале на калаисување садовите од домаќинството. Сум слушала дека прецизноста што тој ја поседувал како и вештините што ги практикувал при процесот на калаисување им давале сигурност во исправноста на садовите во домаќинството како на жените во градот така и во околните села. Веројатно затоа што тие проценувале дека мајсторот си ја знае работата дедо имал постојано работа. Тој правел чуда со кои старите и потемнети садови како ѓумови , тави, лонци повторно изгледале како нови. Им ја враќал душата на старите предмети. Тоа не било мала работа во тогашно време кога не секој имал економска моќ да купи нов сад,“ рече Евгенија, снаа за внук на мајстор Дончо.
За овој мајстор сеуште во градот зборуваат повозрасните граѓани кои се сеќаваат на метежот во неговата калајџиска работилница , секоја пролет.
Поточно штом ќе поминел верскиот празник Чист понеделник, кога според старата градска традиција, домаќинките го палеле огнот и во дворот ги ставале перустиите за да можат во котлите со цеќова вода да ги извријат сите садови од домаќинството тогаш чисти и измиени му ги носеле на мајстор Дончо. Калајот требало да ги освежи а калаисувањето да ги направи сигурни за употреба. Да појаснам, цеќова вода се добива со ставање во водата на чиста пепел собрана од првото потпалување на огнот во ќумбето. Во таа вода потоа се ставале сите садови да извријат а потоа се миеле и триеле за да излезе сета нечстотија од нив.
Бакарна тава што ја сочувало семејството на мајстор Дончо
Но, за жал најблиските на мајстор Дончо не зачувале ниту една фотографија или документ на кој бил овековечен овој голем калајџија па затоа фотографиите што ги објавуваме се од неговиот син Киро и од внуците.
Стоилко Андреевски