За четири пати е зголемен бројот на повредени граѓани од скршеници во велешката болница
Се полни хирушкото одделение во велешката болница со пациенти повредени при паѓање на мраз. Тие освен во трите соби на ортопедскиот оддел се хоспитализираат и на хирушкото одделение. Во делот што се вика Б денеска немаше празен кревет во моментот кога двајца повредени старци се транспортираа на снимање од Ургентната единица кон Ренген одделението.
Според специјалистите ортопеди за четири пати повеќе е зголемен бројот на пациенти со скршеници. Ако во обичните денови лекарите имале по една до две сега поради паѓање на мразот во смена тие примаат и по осум повредени граѓани. Повеќемина од нив се стари лица а дел од нив имаат сериозни повреди или скршени колкови.
Ако кај полесно повредените пациенти, со скршеници на раце или нозе, се интервенира со поставување на гипс и се испраќаат на домашно лекување кај повозрасните има потреба од задржување на лекување на хирушкото одделение. За граѓаните со скршен колк маките не завршуваат во болницата во Велес туку затоа што има потреба од оперативно санирање на повредите тие се препраќаат на Ортопедија во Скопје. Претходно за нив се бара термин за прием, закажување на операција и тоа не оди така лесно затоа што деновиве државна Ортопедија во Скопје снемала протези за колкови па пациентите ги купуваат за да можат да се оперираат. Потоа ќе си ги бараат парите од Фондот.
Семејство на осумдесетгодишна жена која има скршен колк и лежи на хирушкото одделение во болницата ,денеска, раскажуваше како за да ја оперираат во еден ден од Велес прво била однесена во Државна болница во Скопје па оттаму препратена во „8-ми Септември“ па потоа однесена и во Костозгобната болница во Охрид па бидејќи никаде не можела да биде прифатена повторно ја вратиле во велешката болница. Старицата чека да биде повикана од која било болница за да се спаси од скршеницата на колкот што ја добила деновиве.
Колку точно граѓани паднале деновиве на мразот што го има на велешките улици и се здобиле со скршеници од велешката болница ќе соопштат во петок.
Лекарите ортопеди упатија совет до граѓаните доколку немаат потреба тогаш да не излегуваат на замрзнатите улици во раните утрински и во вечерните часови. Нивната препорака особено треба да ја знаат повозрасните велешани чие паѓање на мразот завршува со сериозни повреди кои им го загрозуваат животот./У.Ј