Пробиен патот до отсечените велешки села Р`левци, Рудник и Ветерско
По осум дена од првиот паднат снег во велешко, фирмите што општината ги ангажирала за чистење на патиштата го пробија патот и до последните три отсечени села во општината. Од денеска се стигнува и до стотината претежно стари и изнемоштени лица кои живеат во селата Р‘левци, Рудник и Ветерско. Бидејќи станува збор за пооддалечени села од Велес сообраќајот кон нив и понатаму се одвива во отежнати услови што значи дека граѓаните кои ќе одлучат да патуваат потребно е на моторни возила да имаат зимска опрема.
Според портпаролот на општина Велес, Орце Николовски, деновиве активно се работи и на згрижување на стари изнемоштени лица и бездомници во општината. Вчера, општината евакуирала две стари лица од куќа што ја имале во село Оморани до нивниот стан во Велес. Претходно овие граѓани биле однесени во Здравствениот дом во Велес каде им била пружена медицинска помош.
Од општината исто така соопштија дека во топлата соба, што е отворена во зградата на поранешниот хотел „Вила зора“ за потребата од згрижување на бездомници, згрижен е уште еден бездомник. Инаку според информации на Центарот за социјални работи во велешко се евидентирани три бездомни лица. Две од нив веќе се сместиле во прифатниот центар во Скопје. Третиот ја користи топлата соба во Велес.
Граѓаните кои познаваат или случајно на улица ќе забележат бездомно лице потребно е да го упатат во Центарот за социјални работи во Велес од каде ќе добие информации за користење на преноќување во топлата соба во поранешниот хотел „Вила зора“ додека траат поларните студови и има снег во Велес./У.Ј