На автопатот Велес – Скопје кај Пуста кула заглавени патници во долга колона
Излизгани автомобили и извртени камиони на автопатот Велес – Скопје кај угорнината пред местото викано Пуста кула. Тоа место е оддалечено од Велес само неколку километри. Таму е формирана долга колона во која се заглавени десетици луѓе во возила што ги управуваат и кои велат дека не можат да ги поместат ниту еден метар затоа што автопатот е затрупан со снег а тие не можат да го продолжат патувањето кон Скопје.
– Патот не е прооден, изложени сме на вистинска меќава и бараме помош. Не можеме да добиеме информации од Македонија пат како да се извлечеме од ситуацијава, бараат помош патниците кои се заглавени на овој дел од автопатот.
Од службата за информирање на АМСМ велат дека знаат за состојбата и препорачуваат возачите полека да се движат барем до зимскиот пункт во велешкиот дел кај Пуста кула но, и да не го продолжуваат патувањето кон Скопје туку да останат таму, во пунктот, бидејќи состојбата била иста долж целата автопатска делница од Велес до Скопје.
– Не препорачуваме да се тргнува на пат за Скопје, подобро одложете го вечерашново патување, советуваат од АМСМ.
Препораката исто така важи и за граѓаните кои вечерва планираат да патуваат во спротивен правец по автопатот, кон Градско.
Убавка Јаневска