Младите велешани ги испратија своите пораки до институциите
Панел дискусија на тема „Младински препораки“ се одржа во локалната библиотека „Гоце Делчев“ во Велес. На неа учествуваа средношколци и млади од градот и дискутираа за работата на државните институции на национално и локално ниво и како таа се одразува врз нивните потреби. На дискусијата говореа претставници на Младинскиот образовен форум, на Фондацијата Отворено општество како и независни експерти од областа на правото.
Александра Филипова од МОФ зборуваше за самоорганизирањето на средношколците и студентите преку неформални групи и здруженија и како тие би можеле директно да влијаат врз решавањето на проблемите со кои се соочуваат. Со оглед на тоа што и таа самата била вклучена во Средношколскиот и Студентскиот пленум, сподели дел од идеите и заложбите за подобар средношколски и студентски стандард во Република Македонија. Маринела Мајнова пак даде осврт на состојбата со правосудството во Македонија и свои размислувања за тоа како младите да ја вратат и задржат довербата во правосудниот систем и владеењето на правото.
Целта на овој настан беше да се дадат препораки и насоки за работата на државните институции на национално и локално ниво, со посебен акцент на дел од областите кои се од особено значење за младите во Република Македонија.
Идејата за настанот се роди на траката „Учиме право“ на МОФ, Летна академија 2016, на која концептот на членовите на „Учиме право клубот“ од Велес беше избран како најкреативен и најоригинален.
Настанот беше поддржан од Проектот на УСАИД за граѓанско општество./Д.С