Формирање на координативно тело за да го следи загадувањето во Велес
Под итно да се формира координативно тело за намалување на загадувањето на воздухот. Тоа да биде составено од сите релевантни институции и експерти кои ќе ги таргетираат изворите на загадување и ќе преземаат мерки за намалување. Ова е ставот на велешките екологисти во врска со енормното загадување на воздухот со штетни честички. Екологистите побараа да се преземат и итни мерки во собраќајот со цел да се отстранат сите тесни грла во градот и да се обезбеди непречено движење на возилата. Претседателот на ЕД Вила Зора, д-р Ненад Коциќ смета дека загадувањето на воздухот со ПМ10 честичките е еден од факторите за зголемениот број на лица заболени од грип.
– Се јави грип за кој што мислам дека е од епидемиски размери , но компликациите кои што се јавуваат и бројот на пациенти кои што се јавува е огромен, јас не се секавам да се случувало во изминативе години откога работам како лекар . Можеби има и други фактори, сигурно, меѓутоа и загадувањето е еден од факторите за влошување на состојбата на акутните белодробни заболувања. Загадувањето на воздухот е веќе прифатено и признаено како еден од факторите за зголемување на бројот на мозочни и срцеви инфаркти. Секој четврти инфаркт е предизвикан од ова акутно воздушно загадување, рече д-р Коциќ.
Оваа изјава д-р Ненад Коциќ ја даде на јавната расправа за загадувањето на воздухот во градот во чии рамки беше презентиран катастарот на загадувачи. Податоците што ги презентираше м-р Магдалена Трајковска Трпевска само ги потврдија досега повеќепати констатираните состојби. Во Велес загадувањето го мери само една мерна станица и тоа во населба Тунел. На останатите две одамна ја нема опремата. Сепак податоците говорат дека воздухот на левата страна на градот е почист во споредба со десната. Тоа што велешани не можат да дишат и често се разболуваат е поради високата концентрација на ПМ10 честичките што во воздухот се испуштаат од греењето на домовите со огревно дрва и друг вид на загадувачи.
– Домаќинставата или домашните ложишта со 92,33 проценти учествуваат во емисионото оптеретување на воздухот. Станува збор за мали согорувачки процеси со неконтролирано ложење, подесување на котли, каде што покрај дрва се горат и многу други работи како гуми, лакирано дрво и друго, рече Трпевска.
Но документот што прво ќе го разгледува советот на општина Велес потоа ќе заврши на веб страницата на општината. Од него ќе можат да се информираат сите заинтересирани граѓани. Сепак тој не може да овозможи општината да си ги врати старите две мерни станици поставени кај средното училиште Коле Неделковски и на брегот на реката Вардар крај поранешниот хотел Вила Зора.
– Имаме иницијатива до министерството за заштита на животна средина за поставување на уште една мерна станица во Велес. Тоа е скапа инвестиција, рече градоначалникот Чадиев.
Тој прифати да биде иницијатор за формирање на кординативното тело што беше предложено за да го следи загадувањето и да превзема конкретни мерки./Д.С