Времено одложен стечајот на ВВ “Повардарие“
Предлогот на Царинската управа, денеска, Основниот суд во Велес да отвори стечајна постапка во неготинската винарија „Повардарие“ е запрен. Законските застапници на винаријата поднесоа барање до Врховниот суд да го изземе велешкиот и да назначи друг суд што ќе одлучи за стечајот во винаријата. Адвокатката на „Повардарие“, Мирјана Марковска смета дека иако станува збор за времено запирање на постапка таа е од интерес на лозарите, винаријата, странскиот инвеститор и очекува дека ќе овозможи да се најдат адекватни решенија.
– Сметката е блокирана од Царинската управа но долговите се сервисираат. Сите лозари кои денеска дојдоа пред зградата на судот за да протестираат ги имаат добиено сретствата од винарската визба Повардарие согласно договорите кои ги имаше со Владата. Царината ги има сите обезбедувања што претходно ги превзел па затоа не е потребно некој да биде убиен за да му биде земено тоа што и онака е обезбедено со хипотека, рече адвокат Марковска.
Судската постапка беше причина изутринава пред зградата на судот во Велес да пристигнат голем број на лозари од Тиквешијата како и вработени на визбата Повардарие. Првите револтирано велеа дека ќе им пропаднат парите за предаденото грозје од годинешната реколта а вторите реагираа дека ќе останат без работа.
– Парите ми требаат. Ако отворат стечај се ќе пропадне во дупка без дно. Ништо нема да земеме за годинешниот род. Количините што ги предадовме не се мали. Што сака сега државата, ајде нека ги земе парите и нека се чести од нас. Слушајте ме не ја бива оваа држава, рече лозар од Кавадарци.
– Дојдовме да си ги заштитиме работните места во винаријата. Мислиме дека работите се повторуваат уште од 2006 година. Зошто сега за нешто што се случило тогаш повторно да се актуелизира, рече вработен во визбата “Повардарие“.
Пред новинарите претседателот на Агротиквешија, Љупчо Аризанов апелираше во ваквата создадена состојбата да се заштитат лозарите бидејќи, како што рече, тие секогаш први страдаат. Тој ги критикуваше досегашните одиграни нечесни игри и го пофали судот за денешната покажана грижа кон 7.000 кооперанти во Тиквешијата велејќи дека оваа бројка треба да се помножи со четири луѓе по семејство за да се добие 28.000 граѓани кои реално зависат од парите на винаријата. И тоа само лозари.
– Проблемот е само одложен. Тоа е јасно но да се надеваме на решение. Сепак да се потсетиме дека годинава Повардарие наместо предвидените осум милиони килограми откупи 31 милион килограми грозје во услови кога останатите винарии не ги отворија вратите и вршеа притисок врз лозарите да им го откупат по многу ниски цени. Тогаш ние преку министерството за земјоделие вршевме притисок винаријата да ги отвори вратите. Тоа значи дека Повардарие го спаси родот, откупи непредвидена количина од 21 милион килограми грозје и кога требаше им помогна на на лозарите. И сега вака ли? Еднаш го молевме а сега го колиме. Сега воопшто не е фер ова што државата и го прави на визбата, рече Аризанов.
Според него обврските на „Повардарие“ кон Царинската управа изнесуваат 500.000 евра и тие се единаесет пати помали од обврските кон лозарите кои очекуваат исплата на 5,5 милиони евра воглавно за продаденото грозје од годинешната реколта. /У.Ј