Преку изложба младите велешани побараа „Младински информативен центар“
Со триесетина фотографии младите креативни средношколци од Медиа Арт клубот на МОФ од Велес ги изразија своите препораки преку иницијативи за трансформација на веќе запуштените објекти во градот. Тие ги изложија фотографиите во еден од кафе баровите во Велес со цел да ги информираат младите сограѓани за состојбата во која се наоѓаат запуштените општински објекти и како тие да се претворат во корисен простор за нив.
На фотографиите може да се забележат Офицерскиот дом, Киното и Домот на НВО, но во една сосема поинаква состојба од сегашната преку интервенција на фотографиите. Така на пример објектот во кој беше сместен Офицерскиот дом повеќе не е темен и запуштен туку осветлен и во него се чувствува работна атмосфера. Темата на изложбата е всушност потребата од отворање на Младински информативен центар согласно Локалната младинска стратегија 2012-2016 година на општина Велес. Оваа иницијатива на младите произлезе од двомесечната обука од модулот „Фотографија“ .
Токму во Медиа Арт клубот, младите велешани имаат можност креативно да ги изразуваат своите ставови и идеи. Тука тие можат да научат да снимаат видео и аудио прилози, да создадат фото приказна, да научат перформативна и урбана уметност. Предавањата во Медиа Арт клубот ги држат млади луѓе. Во моментов постојат пет клубови во Македонија и тоа во Скопје, Тетово, Велес, Неготино и Струга и сите активно работат на создавање креативни и интересни содржини на општествено релевантни теми кои се од интерес на самите членови./Д.С