Загадување има, но состојбата не е алармантна, реагира локалната власт во Велес
Во Велес не е поминат прагот на алармирање бидејќи не се случило десет дена континуирано да имаме загаден воздух со штетни честички повисоки од 100 микрограми на метар кубен, тврди општинскиот инспектор за заштита на животната средина Билјана Шуркова Манаскова. Таа ги уверува граѓаните дека нема простор за паника и дека загадувањето во зимските денови е резултат на грејната сезона. Според податоците од Катастарот што го изработиле, најголеми загадувачи, над 90 проценти, биле домаќинствата, веднаш потоа сообраќајот и на крај индустриските капацитети.
– Податоците од мониторинг системот на Центарот за јавно здравје покажуваат дека сите параметри се во граници на нормалата, освен чадот кој што е забележан само три дена во декември и изнесува 79 милиграми на метар кубен од дозволените педесет и тоа се должи на греењето на домовите. Најголемото загадување во текот на едно деноноќие е во периодот од 17 до 20 часот а во утринските од 08 до 10 часот, рече Шуркова Манаскова.
Вчерашните реакции на екологистите за енормното загадување, градоначалникот Чадиев пак ги нарече дезинформации. Според него Велес не бил на второто туку на петнаесетото место меѓу другите општини по загадување.
– Годинава во Велес заклучно со 18 овој месец , 95 дена се надминати концентрациите со суспендирани честички со големина од 10 микрометри. Во 2014 година сме имале 140 дена со екстремно загадување на амбиенталниот воздух а во 2015 сме имале 130 дена зголемена концентрација. Според податоците од Министерствот за животна средина општина Велес се наоѓа на 15 место по загадување. и не е точно дека е втора општина по загаденост, рече Чадиев.
Инспекторката Шуркова Манаскова вели дека инспекциските служби веќе извршиле надзор на сите индустриски капацитети кои имаат котли и ја провериле емисијата на штетни честички во воздухот. До сите оние кои не се придржувале до стандардите презеле соодветни мерки.
И додека граѓените го дишат загадениот воздух и се заштитуваат со раце и шалови, од општината им порачуваат да не се движат на отворено во периодот од 17 до 20 часот, да не ги користат автомобилите, а своите домови да ги затоплуваат само со дрва или електрична енергија./Д.С