Се откупува тутунот во велешко
Во тек е откупот на тутун во велешко. Над 1.500 тутунопроизводители од општините Велес, Чашка, Градско и Лозово го предаваат тутунот во повеќето пунктови на компаниите „Соцомак“ и „Алијанса“. Досега се откупени повеќе од сто тони тутун од пониските класи. Откупната цена се движи од 150 до 200 денари за килограм и тоа за тутунот од првата берба.
Тутунопроизводителите се задоволни затоа што парите за предадениот тутун ги добиваат за седум дена од предавањето. Деновиве ќе започне откупот и на поквалитетниот тутун чија што откупна цена ќе изнесува повеќе од 200 денари. Тутунопроизводителите се задоволни, како од родот така и од откупната цена. Велат дека од тутунот може добро да се заработи, не само од добрата цена туку и од субвенциите од едно евро за килограм што им ги дава државата.
– Задоволен сум од родот а сега и од откупната цена. Предадов 700 килограми тутун и добив по 170 денари за килограм, што е навистина добра цена. Деновиве ќе ги предадам и преостанатите 1.200 килограми тутун кој што е поквалитетен и се надевам дека ќе добијам повисока цена. Догодина планирам да ги проширам површините под тутун за уште пет декари, рече тутунопроизводител од Чашка.
Во општините Велес, Градско, Чашка и Лозово годинава над илјада и петстотини тутунопроизводители имаа засадено 1.500 хектари под оваа индустриска култура. Очекуваат родот да тежи 1.200 до 1.300 тони тутун. Квалитетот на годинешниот род, за разлика од претходната година, е подобар.
Инаку во велешкиот регион, поради отселувањето на поголем број жители, се намалува бројот на производителите а со тоа и површините под тутун. Ако до пред десетина години над две и пол илјади тутунопроизводители саделе од 1.900 до 2.200 хектари , годинава овие бројки се речеиси преполовени./С.А