Се одложуваат предметите во Основниот суд во Велес, КПУ Идризово не ги спроведува сведоците и обвинетите
Одложена е главната расправа за контроверзниот предмет Ореше во Основниот суд во Велес. Судијката што го води предметот ја одложи затоа што не беше донесен еден од тројцата обвинети во случајот, Ѓоре Петровски, иако вчера била известена дека тој ќе биде спроведен до велешкиот суд. Пред почетокот на главната расправа ја информирале дека полициското комбе се уште не било тргнато од Скопје затоа што заглавило на некоја од клиниките, а друго возило немале.
Од истите причини денеска во Основниот суд во Велес се одложи и судењето на дваесет и девет годишниот Ермин Мехмедовски од село Горно Оризари. И тој денеска не беше донесен во судот. Мехмедовски се товари за предизвикување на сообраќајна несреќа со жртва. Тој во јануари минатата година на регионалниот пат кој мине низ центарот на населбата Превалец во Велес прегази петгодишно девојче.
Судиите од велешкиот суд се жалат дека предметите наместо да ги завршуваат им се натрупуваат и стануваат стари, дополнително се прават трошоци, а одредени луѓе со месеци лежеле во притвор без потреба. Тие велат дека ваквиот проблем се одолговлекувал со години наназад. Со казнено поправната установа се договориле два пати во месецот и тоа секоја прва среда и секој трет четврток да се носат лица што издржуваат казна затвор на судењата, но ниту тоа не се почитувало.
– Од КПУ Идризово ни испратија допис дека ќе ни ги носат два пати месечно но и тоа не се случува и кога ги носат тоа го прават селективно. На пример ние бараме пет лица да ни донесат тие ни носат само двајца сведоци. Исто така кога имало случај по тужба за судење во нераумен рок тоа за судијата значи негативни поени на крајот на годината. За овој проблем контактиравме и со Управата за извршување на санкции, но десега немаме одговор, рече судијката Габриела Гајдова.
Овие и уште многу други предмети во Основниот суд во Велес се одложени за наредната година и тоа од месец февруари./Д.С