Велешани гласаат на предвремените парламентарни избори
До 10 часот на 84-те избирачки места во општина Велес, каде според единствениот избирачки список се евидентирани вкупно 46.389 граѓани, излегле и гласале 5.055 лица. Тоа е 11 отсто од граѓаните кои имаат право на глас, рече Никола Ѓоргиев заменик претседател на Општинската изборна комисија во Велес.
– Гласањето тече мирно, се согласно законите и процедурите. Имаме и податоци за тоа колку лица се пријавени како болни, вкупно 216 лица, на кои им било одобрено вчера да им дојде комисија од избирачкото место и да гласаат дома. Нивните гласови ќе се бројат заедно со останатите избирачи на тоа гласачко место на крајот на денот, рече Ѓоргиев.
На трите избирачките места во гимназијата „Кочо Рацин“ велешани доаѓаат и гласаат. Претседателката на ИМ 2152, Елена Димовска рече дека се тече во најдобар ред без никакви проблеми.
– На ова избирачко место се евидентирани 856 граѓани со право на глас и до 10 часот гласаа 18%, рече Димовска.
Претседателот на ИМ 2159 Марјан Јордановски рече дека во споредба со претходните изборни циклуси излезноста е послаба.
– На ова избирачко место има 541 гласач. Од нив до 11 часот гласаа 105 граѓани. Излезноста во споредба со претходните изборни циклуси е нешто послаба но, очекуваме поголем број на гласачи да стигнат во попладневнирте часови, рече Јордановски.
Граѓаните кои ги затекнавме пред избирачките места во гимназијата „Кочо Рацин“ ги запрашавме што очекуваат од денешните предвремени парламентарни избори во Македонија.
– Го остварив моето гласачко право, очекувам се најдобро да биде, за сите да биде убаво, за млади за стари
– Моите очекувања се да биде подобро, да нема повеќе криминали, да нема корупција, да можеме слободно да се движиме, тоа е најважно.
– Јас гласав и кој е подобар нека победи.
– Го остварив моето гласачко право, се надевам да биде мирно . Се надевам на подобро, за моите деца, внуци, да се вработат, да имаат мирен живот.
Меѓу нив беше и еден граѓанин што се пожали дека го нема на избирачкиот список на ИМ 2159.
– Не го остварив моето гласачко право затоа што ме нема во списокот 2159. Секогаш сум гласал и на претходните избори но, сега ме нема, само мене од целото семејството. Ми рекоа да отидам во Општинската изборна комисија. Еве таму се упатувам, рече велешанецот.
Избирачките места кои се наоѓаат во зградата на Основниот суд во Велес, претпладнево, некаде околу 10 часот ги посети и Амбасадорот на САД во Македонија, Џес Бејли. Тој од Велес ја започнал посетата на повеќе избирачки места денеска во Македонија./У.Ј и Д.С