О.О. на Црвен крст го одбележа денот на волонтеризмот
Фотографии и документи посветени на дваесет годишнината од меѓународното признавање и членство на Црвениот крст на Македонија во меѓународното движење на Црвениот крст и Црвената полумесечина се изложени во Ликовниот салон во Велес по повод светскиот ден на волонтеризмот, 5 декември. Го одбележуваат сите 190 Национални друштва на Црвен крст. Целта на овој ден е да се укаже на значењето и местото на волонтерите во средините на кои што делуваат. Претседателот на Црвен крст на Македонија д-р Милчо Трајков вели дека од година во година расте бројот на волонтери во светот и кај нас.
– Имаме голем број на млади луѓе од средните школи кои доаѓаат во Црвениот крст за да им служат и кои сакаат да волонтираат. Проблемот понатаму е тоа што овие луѓе понесени од своите обврски на факултет на некој начин малку се пасивизираат во тој дел за потоа пак да се вратат. Бројот на волонтери е зголемен, во Република Македонија има некаде 3.400 активни волонтери а негде околу седум илјади волонтери членови на Црвен крст. Некои од нив се повеќе активни некои помалку но и едните и другите придонесуваат за подобрување на условите за живеење во средините во кои што живеат, рече Трајков.
Општинската организација на Црвен крст во Велес вложува напори да се зголеми свеста кај граѓаните за значењето на волонтеризнот во општеството./Д.С.