Хуманитарен саем на храна во ООУ „Блаже Конески“ во Велес
Уште еден хуманитарен саем на храна се одржа во основното училиште „Блаже Конески“ во Велес. Погачи, пити и разни благца, подготвени од родителите на учениците и наставниците, како и дел од пекарите во градот, со симболична цена, беа изложени на штандови. Посетителите на манифестацијата за час ги купија производите и на тој начин донираа. Собраните пари од саемот ќе се искористат за опремување на сензорна соба во училиштето за децата со посебни потреби што учат во ова училиште.
– Веќе петта година по ред ја организираме оваа хуманитарна манифестација која има за цел да помогне на некое дете од училиштето или пак за потребите на самото училиште. Мајките на учениците и наставниците се потрудија да подготват храна која што не само што изгледа убаво туку е и многу вкусна. Тука се продава и сите пари што ќе се соберат ќе ги употребиме да ја опремиме сензорната соба, рече директорот на училиштето Љупчо Николовски.
– Ние сме од смерот готвачи при средното стручно училиште „Коле Неделковски“. Заедно со професорите подготвивме еклери и дојдовме на хуманитарната акција во ова училиште за да помогнеме. Секогаш сме подготвени да помогнеме онаму каде што треба, рече средношколецот Петар Царев.
Хуманитарниот саем на храна основното училиште Блаже Конески го одржува петта година по ред по повод меѓународниот ден на лицата со инвалидитет, 3 декември./Д.С