Макета на велешката саат кула ќе биде поставена крај Ла Манш во Франција
Макетата од метал ја изработија учениците од гимназијата „Алекси де Токвил“ од Шербур, заедно со своите професори, во нивната училишна работилница. Велешкиот архитектонски симбол напролет ќе биде поставен во паркот кај замокот Равле. Макета од овој француски архитектонски симбол е веќе поставен во Младинскиот парк во Велес.
Паркот на замокот Равле
Минатата недела во Шербур престојуваа двајца вработени на општина Велес, Јадранка Стефкова и Катица Чадиева. Тие први ја видоа макетата на велешката саат кула во Шербур. Вака го опишаа чувството што кај нив го предизвикала минијатурата на велешкиот симбол.
– Топлина- со еден збор тоа е чувството што ве обзема кога ќе ја здогледате минијатурата на велешката саат кула во Шербур. Професорот Себастиен Фенује ги склопи деловите создадени од неговите ученици, но нашиот градски симбол. Доволно да го почувствувате Велес покрај Атлантикот и да знаете дека сте меѓу вистински пријатели. Гимназијата Токвиљ не само што има металска работилница каде е создадена нашата саат кула, ова современо училиште располага и со модна секција, свој бутик како и оддел за театарска костимографија. Нивните искуства во усогласувањето на образовните програми со економските специфики и потреби на градот допрва ќе бидат предмет на една нова соработка што Велес ќе ја воспостави со Шербур во Франција, но и со Бремеравен во Германија и Новогард во Полска. Професорката Флоарнс Жиро координатор на досегапшната соработка, од француска страна, со велешките колеги веќе работи на проектните програми во 2016, рече Стефкова.
Учениците кои ја изработија макетата на велешката саат кула
Минијатурата на велешката саат кула ја создадоа ученици од прва и втора година од металската струка кои и немале големо практично искуство.
Инаку, изработката на макетите на велешката саат кула и на замокот од Равле се проекти кои произлегоа од досегашната соработка на двете средни училишта од Велес и Шербур. Тие го симболизираат пријателството на двата народи.
На состанокот што на 29 –ти минатиот месец се одржа во Шербур се договорени нови можности за соработка во кои се вклучуваат и градовите Бремеравен од Германија и Новогард од Полска. Се очекува тие да содржат размена на ученици, професори, специјалисти од администрациите и бизнис секторот во областа на образование и професионална ориентација, културно наследство, обновливи енергии, управување со отпад и економска соработка. Во тек е избор на интернационален тим кој ќе работи на апликацијата во 2017 година./У.Ј