Два нови случаи на СИДА во Велес
Двајца нови заболени од СИДА се регистрирани во Велес годинава. Едниот е хив позитивен а другиот има СИДА, информираат од Центарот за јавно здравје во Велес. Од 2005 година, кога е регистриран првиот случај, досега во градот се регистрирани вкупно шест граѓани заболени со вирусот. Двајца од нив имале СИДА и тие се веќе починати, останатите се ХИВ позитивни. Речиси сите заразени, вирусот го добиле преку незаштитетн сексуален однос, информираат од Центарот.
Анонимен и диксретен СИДА тест има во Центарот за јавно здравје. Епидемиологот д-р Билјана Трајкова вели дека голем е интересот кај граѓаните за бесплатно тестирање за СИДА. Но сепак порачува граѓаните особено помладите да практикуваат заштитен сексуален однос.
– И годинава важат истите препораки за младите, да не практикуваат сексуален однос без кондом, бидејќи тоа е најчестата причина за заболување од ХИВ СИДА. Потоа треба да се земе во предвид борбата против наркоманијата бидејќи интервенозните заболувања се најчести причинители за заразување со оваа болест, рече д-р Трајкова.
Бројката на заболени расте од година во година. Во Македонија има 310 случаи регистрирани од ХИВ СИДА и тоа најмногу се мажи 257 а само 53 се жени. Само годинава се регистрирани 35 ново заболени граѓани од оваа инфекција.
Во знак на револт денеска Невладината ХЕРА протестираше пред министерството за здравство во Скопје поради кратењето на парите од буџетот наменети за лекување и превенција на оваа болест. Од ХЕРА предупредуваат дека со скратениот буџет, од 65 милиони на 27 милиони денари, земјава се оддалечува од глобалните заложби за стопирање на епидемијата, а со тоа најмалку 15 илјади граѓани од ранливи категории ќе немаат пристап до основните услуги за превенција и рано откривање на ХИВ./Д.С