Потребен е лифт за учениците во посебното училиште во Велес
Вредните раце и креативните идеи на учениците од посебното основно училиште „Маца Овчарова“ во Велес, создале вистински уметнички дела. Бројните грнчарски предмети на кои тие ги насликале традиционалните македонски мотиви се дел од ликовната колонија, со која го одбележуваат меѓународниот ден на лицата со посебни потреби, 3 декември.
Во неа освен децата од ова училиште учествуваа и ученици од останатите основни училишта во градот како и од општините Лозово, Чашка и Градско. Но во пресрет на уште еден светски ден, посветен на нив, децата, наставниците и родителите се уште се соочуваат со огромен проблем, скалите кои секојдневно мораат да ги искачуваат до третиот кат на зградата, каде што се сместени училниците.
– Училиштето е добро уредено, ентериерно, но имаме потреба од лифт за да може непречено да се одвива наставата. Затоа што е сместено на третиот кат во зградата, малку ни се отежнати качувањата на скалите особено на оние деца кои се во количка и со потежок инвалидитет. Неопходна ни е изградба на лифт кој ќе ја овозможи пристапноста. Моментално сме во еден проект донаторски за еден електромоторен транспортер за инвалидска количка, но тоа е привремено решение. Се надевам дека ќе успееме да изградиме лифт кој што ќе биде трајно решение за училиштето, рече директорката на училиштето Снежа Стојановска.
Иако училиштето не е под надлежност на општината, градоначалникот Чадиев е подготвен да помогне да се најде трајно решение кое ќе ја олесни наставата.
– Јас сум подготвен со нашите стручни служби да изготвиме еден проект кој што би го вклопиле во идниот детален урбанистички план и да се направи еден надворешен лифт за потребите на овие деца. Општина Велес ќе ги вложи сите свои максимуми да помогнеме на менаџерскиот тим на училиштето и да направиме нешто слично како во училиштето Васил Главинов. Но сепак треба да оставиме на нашите стручни лица да кажат дали е можна таква изведба и на кој дел од зградата може да се монтира, рече Чадиев.
Инаку ова е дваесета по ред ликовна колонија што училиштето ја реализира по повод светскиот ден на лицата со инвалидитет.
Даниела Саздова