Од дива трева и смет се исчисти езерото „Младост“
Доброволна акција за чистење на крајбрежјето на велешко езеро спроведоа членовите на скопските Лајонс клубови “Центар” и “Кале” заедно со Лајонс клубот “Велес”, Лео клубовите, Општина Велес и јавното претпријатие Дервен. Се чистеше околината на езерото од дива трева и отпадоци. Името на акцијата беше “Чиста околина”.
“Целта на овој проект е да се одржи зелената патека која се протега долж езерото во состојба која ќе биде проодна и безбедна за посетителите. Тука сме денеска и за да го исчистиме отпадот од патеката. Овие наши цели во суштина имаат подлабоко значење, а тоа е поттикнување на свеста меѓу сите нас граѓаните дека квалитетот на сопствениот живот зависи од самите нас. Пораката која се стремиме да ја испратиме гласи- ајде да бидеме одговорни за своето здравје со тоа што ќе креираме здрава околина за живеење ”- изјави Даниела Тилиќ, портпарол на Лајонс клуб “Центар”.
Освен членовите на Лајонс клубовите во акцијата учествуваа и нивни блиски како и доброволци од општина Велес и ЈКП „Дервен“./У.Ј