Роднинскиот сокак во стар Велес
Гордана Мишковска Колева , велешанка што сега живее во Канада, ме потсети на една вистинита градска приказна поврзана со граѓаните кои живееја во сокакот на маалото Дворови што старите велешани го нарекуваа Роднински. Да, токму така, Роднински бидејќи во скоро сите куќи кои беа дел од тој сокак живееја граѓани кои едни со други беа роднини. Всушност овој роднински сокак е денешната уличка која го носи името на првоборецот Коле Дрнков и му припаѓа на крајот од маалото Дворови, од североисточна страна. Слободно може да се нарече и горен влез во маалото Дворови, распослано на рамниот дел од центарот на Велес.
Мишковска со помош на неколкумина нејзини поранешни соседи, нивни потомци и пријатели ги комплетираа информациите поврзани со старите жители на роднинскиот сокак. Така, првите три куќи од сокакот биле во сопственост на велешкото семејство Цилакови.
– Во првата живееја Нада и Никола Цилакови , со синот Веселин и ќерката Пандорка. Во втората Менка и Тоде Цилакови , со четири деца Добрила , Јован, Руска и Диме. Добрила се омажи во Боснаи Херцеговина а Диме замина за Германија. Третата куќа беше на Пала и Благој со синот Димче. До нив куќа имаше и Сутка, роднина на Страхил Гигов. Сега таа куќа е кафеаната „Баже Пити“. Сута беше мажена за Трајко Јованов. Семејството Јованови броеше пет деца: Ангел, Иле, Марионка, Агна и Надица. Следна до неа бeше куќата на мојата баба Афиона и дедо ми Диме. Старата куќа беше урната и на нејзино место се изградени две нови. Во првата живееја Александар со сопругата Слоботка и ќерките Лилјана, сега д-р Поцкова, Марионка сега Хаџиевска и Надица сега Андреевска. Залепена до нивната беше куќата на моите родители Томислав и Благојка Мишковски во која се родив јас, и сега живеам во Канада, потоа сестра ми Весна, сега Реброња, која живее во Словенија и брат ми Златко, – пишува Гордана Колева Мишковска.
Во Роднинскиот сокак , до куќата на семејството Мишковски, се наоѓа куќата на Натка Попова, а потоа во редот следни се куќите на браќата Систрајкови. Првата на Илија и Марика со синовите Боре и Диме и ќерката Родна. Втората на Ацо и Јелица со децата Роберт, Елка и Димче и кои беа роднини со Трајко и Сута Јованови со ќерката Верица. До нив била куќата на Грозда Мишкови со синовите Кире и Петре и ќерката Румена.
– Веднаш до нив се наоѓаше куќата на Ганчо Зарзев со сопругата Рика и сестра му Вера па потоа следна беше куќата на семејството Цинциеви. Кога еден од двајцата браќа Цинциеви се исели од родното огниште тогаш куќата ја купија Љуба и Лазо Крајчеви. Тој беше касап. Имаше син Петар и ќерка Руска. Ќерка на Петар Крајчев е Маја Хеско. Во другиот дел од куќата на семејството Цинциеви остана да живее Пане Цинциев со синот Благој и снаата Васа, пишува Гордана.
Од другата страна на Роднинскиот сокак била куќата на познатиот кондураџија Илија со сопругата Васа Чадиеви со ќерките Елена, Викторија и Виолета и синот Ѓоко. До нив живело семејството Маџарови, па потоа Милан и Менка Иванова со ќерките Васа и Лила.
Следна била куќата на семејството Порецови, чии потомци се Пандорка и нејзиниот брат, кои сега живеат во долниот дел на сокакот или на Јурија во поранешната куќа на народниот херој Димче Мирчев и што со капиџик беше поврзана со куќата на семејството на основачот на првото нижо музичко училиште во Македонија Иван -Танго со сопругата Нада и со ќерките Румена и Пандорка. Информации за овој дел на Роднинскиот сокак даде и нивниот внук Ангелче Гушев, син на ќерката Пандорка.
Следна била куќата на семкарот Никола со сопругата Лица Јаневи со синовите Боривое и Стево како и ќерките Пандора и Вера. До нив живееле Трајче и Весна Јаневи со синовите Орце и Тоше и ќерката Цветанка потоа следна била куќата на Нада Ѓорчева со синовите Ѓорче и Ане. Во сокакот живееле и Ристо и Славка Карови со синовите Душан и Будо и ќерката Васка, потоа Јовче и Вера Бачови со децата Убавка и Атанас, а до нив беа двете куќи на семејството Дрнкови. Во едната од нив живееја Димче и Пала Дрнкови со првата ќерка Светла, мажена во Загреб, втората Цвета и со синот Благој. Негови деца се ќерката Летка и синот Никола. Сопругата на Никола, Вангелица ја исто така има голема заслуга за точноста на податоците за семејствата во овој сокак.
– До куќите на Дрнкови беа двете куќи на браќата Киркови. Првата беше на Нада и Борис, со синовите Кире и Благој и ќерката Власта, која почина многу млада . Таа е мајка на познатиот македонски режисер Милчо Манчевски. До нив живееја Андо и Пандора Киркови со синот Љупчо, хирург и професор на медицински факултет во Скопје и ќерката Наза, фармаколог во Скопје, пишува Гордана.
Од десната страна на сокакот или сега на улицата „Коле Дрнков“ се наоѓала куќата на Пеце и Роза Ацеви. Во него е родена и живееше Пала, сестра на Пеце, мажена Цилакова со синовите Ане и Горан.
Сокакот пак што се наоѓаше зад свиларската зграда, изградена после педесетите години на минатиот век на местото на стари дуќани и анови , жителите го викале Цветков сокак.
Тој се простира паралелно со главната улица, поранешна „Маршал Тито“, пред свиларската зграда.
Гордана на крајот напиша и благодарност за соработката со Ане Ацев, Кика Иванова, Маја Хеско, Елизабета Крстевска , Богданка Дограмаџиева и Вангелица Дрнкова што неа и помогнале во точноста на имињата на старите жители во Роднинскиот сокак, во кој и таа е родена.
Стоилко Андреевски