Центар за слобода Цивил: Политичките партии да ги тргнат рацете од училиштата
Не престануваат притисоците, заканите и уцените врз граѓаните во предизборниот период за предвремените парламантерани избори во Македонија. Особено на мета се вработените во администрацијата и најсиромашните граѓани во државата. Тие секојдневно трпат разни манипулации и злоупотреби од страна на политичките партии. Ова го регистрирале теренските набљудувачи на Центарот за слобода Цивил во изминатиот период. Од таму велат дека најалармантна е состојбата со злоупотребата на малолетниците. Учениците во основните и средните училишта во земјава, според Цивил, биле под притисок на наставниците и родителските совети кои одработувале за политичките партии.
– Цивил категорично бара од политилчките партии од лидерите на партиите да се тргнат од училиштата , нивното место не е во училиштата, нивна работа не е да им држат говори на ученици, на малолетни лица . Тоа не е дозволено ниту со закон ниту пак е дел од каков било демократски стандард и треба час поскоо да ги тргнат своите раце барем од малолетниците во овој процес. Исто така забалежуваме дека во администрацијата списоците се се уште активни и дојдовме до списоци кои говорат за тоа дека луѓето се под силен притисок, дека се уценети со нивните работни места и се деградираат, рече претседателот на Цивил, Џабир Дерала.
Она што активистите на Цивил го нотирале во изминатиот период е дека нема напредок ниту кај медиумите. Тие и понатаму, велат од Цивил, се под контрола на партиите на власт. Продолжува коруптивното однесување на политичките партии и не се знае ниту како и колку народни пари трошат во предизборниот период, потенцираат од Цивил.
– Избирачкиот список е во лоша состојба , ДИК за жал не успеа да се извлече од политичките влијанија и не заврши добра работа со избирачкиот список. Ќе мобилизираме што е можно повеќе граѓански набљудувачи кои активно ќе го набљудуваат целиот процес и се разбира ќе се обидеме на самиот ден на гласање да им помогнеме на граѓаните да ги остварат своите гласачки права . Бараме од институциите особено од ДИК да бидат професионални , да се придржуваат кон изборниот законик и кон другите закони во Р. Македонија и да бидат секогаш на располагање на граѓаните кои имаат проблем да го остварат своето гласачко право, рече Дерала.
Преку триесет регионални набљудувачи и мобилни тимови на Цивил се постојано на терен и ги регистрираат сите неправилности во предизборниот процес. Тие апелираат до граѓаните да ги пријавуваат сите притисоци и закани што ги трпат и да ги пријават кај нив за да можат непречено и по лично убедување да го остварат своето гласачко право, а оние кои се обиделе да ги спречат, час поскоро да одговараат за тоа.
Даниела Саздова