Тешко се диши во Велес, од SO2 и чад
Чадот и сулфур диоксидот се на границата на максимално дозволените концентрации во воздухот во Велес. Апаратите во единствената мерна станица лоцирана во Нова населба деновиве измерија 46, 7 милиграми на метар кубен што се доближува до максимално дозволените концентрации на чад и сулфур диоксид од 50 милиграми на метар кубен. Од Центарот за јавно здравје велат дека грејната сезона е причината за аерозагадувањето.
– Зголемувањето на присуството на чад и сулфур диоксид во воздухот е резултат на чадот што излегува од оџаците на домаќинствата кои се греат на дрва, ќумур но и со други несоодветни огревни материјали. Зголемени концентрации на овие токсични материи дополнително предизвикува и сообраќајот во градот, рече д-р Снежана Петрова од Центарот за јавно здравје.
Оваа состојба вообичаено е изразена во зимниот период кога се затоплуваат домовите и институциите во градот. Граѓаните не можеа да го дишат воздухот во Велес во месец јануари и во февруари годинава кога шест дена концентрациите на чад и сулфур диоксид беа два и пол пати над максимално дозволените граници од 50 милиграми на метар кубен.
Аерозагадувањето влијае врз здравствената состојба на граѓаните, особено на возрасните и хронично болните од асма и бронхит./Д.С