„Рацинова вечер“ на манифестацијата „Вешта етно жена“ во Велес
Со цел да ги поттикнат пред се помладите домаќинки семејните слави, имендени, родендени и други прослави да ги одбележуваат со приготвена традиционална македонска храна, организаторките на манифестацијата „Етно вешта жена“ во четвртокот вечерта по единаесетти пат во Велес ја одржаа вечерта во која презентираа вкусни зелници, ѓозлемиња, солени и благи кифли, салати и торти. Седум велешанки годинава се нтпреваруваа во подготовката на традиционалната храна на тема „Рацинова вечер“. Тие подготвија торти со симболика на книгата „Бели мугри“ од Рацин, и кошулата на Ленка.
Учесничките во првиот официјален дел на традиционалната манифестација исто така ги аранжираа како специјалитетите така и масите на кои што беа поставени. Задолжителен декор им беа убаво извезените чаршави, традиционално исткаените килими и дипли, предметите како што се ваганите и аваните од дрво и надалеку прочуените велешки глинени стомни и бардаци.
– И годинава се потврди дека младите домаќинки сакаат да дојдат на ваков вид на манифестации па затоа ги имаше во голем број во преполната ресторантска сала. Ова е убав начин да се пренесува традицијата а уште поубаво е да се слушне дека дел од нив умеат да подготват ѓозлеме или зелник. Се дружиме но во исто време сме и хумани затоа што сите производи се продаваат и на аукцијата собравме 5.700 денари. Тоа се пари што ќе ги донираме во хуманитарна цел и дополнително ќе известиме кој ќе ги добие, рече претседателката на Организацијата на жени на Велес, Мирјана Трајкова.
„Вечерта на Рацин“ жените ја одржаа додека во Велес се случуваа „Детските рацинови средби“, како дел од востановена манифестација на тетовчанката Снежана Стојановска./Д.С