Велешани реагираа оти викендов немале редовни возови за Скопје
По дводневно несообраќање на патничките возови од денеска е нормализиран железничкиот сообраќај во државава. Утрово на железничката станица во Велес не стигнале возовите од Гевгелија, Битола и Кочани. Така било и изнинатиов викенд. Дури денеска во 13 часот сите машиновозачи на МЖ Транспорт седнале на возачките места со што обезбедиле сообраќање на редовните патнички линии во сите правци во земјава. Тоа што тие се спротивставиле на раководството од кое според извори на Дума.мк барале плата било причина изминатиов викенд да ги нема редовните патнички линии кои најмногу ги користат велешани за да отпатуваат на работа во Скопје.
Дел од граѓаните, редовни корисници на железничкиот сообраќај, вчера на социјалната мрежа Фејсбук објавија дека не можат да отидат на работа во Скопје. Некои од нив пак ги прозваа и новинарите пишувајќи статуси во кои соопштија дека возовите не сообраќаат а новинарите не пишуваат за тоа.
Вработени во железничката станица во Велес денеска потврдија дека поголем дел од возовите на редовната линија Велес – Скопје викендов не сообраќале. Некои од нив проблемот го лоцираа во машиновозачите но не сакаа децидно да кажат која била причината за нивните колеги да одбијат да ги возат патничките возови.
Според директорот на МЖ Транспорт, Никола Костов, освен редуцирање на по една патничка линија од Скопје кон Кичево и кон Кочани сите останати патнички возови викендов собраѓале според возниот ред на јавното претпријатие. Тој негираше дека имало редуцирање на патничките линии од Велес кон Скопје и во обратен правец. Во исто време соопшти дека овие две линии биле редуцирани поради големата фрекфенција на товарни возови што морале да застанат во Македонија поради застој во Соседна Србија, во близина на градот Ниш. Костов тврди дека морале да ги пуштат товарните возови за да не предизвикаат поголема блокада па затоа одлучиле да ги редуцираат веќе споменатите сообраќања на патнички возови во Македонија.
Но со него не се сложија патниците од Велес кои тврдат дека викендов имало застој и поради тоа тие не можеле да стигнат на време на работа во Скопје и да се вратат во Велес.
Инаку од Велес за Скопје, секој работен ден патуваат помеѓу 480 и 500 граѓани со месечни железнички билети./У.Ј