Хидрауличен лифт за браќата Владо и Ристо од Велес
Хидрауличен лифт добија браќата Владо и Ристо Димитриевски од Велес, лица со посебни потреби. Прогресивната мускулна дистрофија ги „заковала“ браќата за кревет за кои единствено се грижи нивната мајка Лилјана. Сега со помош на лифтот, наменет за домашни услови, таа ќе може полесно да ги крене синовите за да можат да ги обавуваат своите животни функции.
– Лифот го нема во Македонија и во соработка со „Славеј“ го набавивме од Р.Србија. Со овој лифт ќе и помогнеме на тетка Лилјана да може посамостојно и многу полесно да се грижи за нив двајцата, да ги крева од креветот и да можат нормално да ги користат своите колички, да излегуваат надвор и да се дружат со останатите луѓе, рече претседателката на Здружението за лица со церебрална парализа, Далиборка Златева.
– Многу сум благодарна за помошта. Се надевам дека сега полесно ќе можам да ги кревам моите деца и со количките да ги изнесувам надвор. Досега беше мачно и постојано барав помош од други луѓе за да ги кренам, рече Димитриевска.
Хидрауличниот лифт е донација на општина Велес.
– Преку локалниот акционен план за лица со посебни потреби успеавме да реализираме уште една донација. Општина Велес продолжува да излегува во пресрет на барањата на оваа категорија на граѓани преку Здруженијата и нивните активисти, рече градоначалникот Славчо чадиев.
Чадиев најави дека во наредниот период општината планира да ги отстрани сите архитектонски бариери за лицата со посебни потреби во градот./Д.С