Маркирани патеки за безбедно движење во планина
Основната цел на планинарството не е освојување на врвови туку создавање на нови трансверзали, поточно патеки кои спојуваат една или повеќе општини и региони. Ова е мотото според кое се водеа група волонтери и Е.Г. „Грин Пауер“ во изминатите две години, кога се обидоа и успеаја да го олеснат движењето во планина. За овој период тие измаркирале над педесет километри патеки. Комплетно е обележана патеката од село Папрадиште до врвот Даутица, а маркирана е и кружната патека до најпосетуваниот врв Солунска глава.
Во потег од пет километри со столбови е маркирана патеката од Папрадиште до месноста Куртовица. Од таму пак се протегаат трасирани патеки до три планинарски домови, во три општини. Едната патека е до планинарскиот дом Чеплес, другата до село Горна Белица во Македонски брод и третата до планинарскиот дом Стровје во општина Долнени, прилепско. Волонтерите кои воедно се и планинари се горди на своите дела, нивниот пионерски подвиг за прв пат ги поврзува овие општини за кои велат дека неправедно биле запоставувани.
– Морам да признаам дека во изминатите 30 години не се работело ништо на ова поле, оние планинари вистински беа препуштени сами на себе, на нивното искуство. Бидејќи во последно време доби замав рекреативното движење бевме принудени да го направиме што е можно побезбедно движењето на луѓето низ планината и затоа почнавме постоечките патеки да ги обележуваме, маркираме и да востоновуваме нови патеки затоа што утврдивме дека постоечките се премалку за бројката на луѓето кои планинарат. За да се движите безбедно низ планина ви треба соодветен маркер со црвена и бела боја, така знаете дека сте на вистинската патека која ве носи до посакуваниот врв. Кога имате таква безбедна патека тоа значи дека без проблем и со присуство на водич можете да се приближите до врвот и сосема безбедно да се вратите назад, рече Игор Смилев, Е.Г. „Грин Пауер“.
Најголемите несреќи на планина се случуваат кога планинарите особено оние рекреативните имаат доверба во себеси и застрануваат од маркираната патека.
– Ако се движите по маркирана патека и ги почитувате елементарните услови во планина ништо нема да ви се случи. Напротив, непроценливо побезбедно е движењето во планина по маркирани патеки, отколку движењето низ урбана средина и тоа е многу пати докажано и потврдено. Куршлусите настануваат кога сме сигурни во себе и кога сметаме дека сме посилни од планината, рече Смилев.
Напролет волонтерите заедно со волонтерите од Македонски брод и Стровје планираат да ги маркираат двете трасирани трансверзали и да направат целосно безбедни патеки за движење на планинарите. Во план за маркирање им е и патеката која води до велешкиот врв Лисец./Д.С