Младинска дебата: Гласај – „Избери што сакаш“
Правото на глас во Република Македонија е тајно и е лично право, уставна категорија и уставно загарантирано право. Ако не се практикува некој може да си поигра, да го скрие или навидум да го претстави дека тоа право е искористено. За да се спречат тие навидум злоупотреби и манипулации многу е важно граѓаните да излезат и да гласаат. Ним никој не смее да им забрани, да ги уцени или на било кој начин да им влева страв. Сечиј глас е значаен, секое учество, на секој граѓанин и посебно на младиот човек кој сега ќе почне или само што почнал да го практикува и применува тоа право, му овозможува да влијае во креирањето на идните политики значајни за сите граѓани па така и за младите луѓе во државата. Вака на вечерната дискусија за важноста на граѓанскиот глас во „Чао кафе“ во Велес ги храбреа присутните млади луѓе тројцата граѓански активисти поддржувачи на младинската кампања „Избери што сакаш“ преку која се промовира важноста на гласачкото право во Македонија пред предвремените парламентарни избори закажани за 11 декември, годинава.
Многу ми се допадна слоганот на кампањата „Можеби ќе си заминеш, ама ако некој останува гласај за нашата иднина“ бидејќи тоа е навистина многу важно, рече на дискусијата со младите велешани граѓанската активистка Ива Михајловска.
– Независно дали ќе останете во вашиот град или ќе заминете од него, од државата вие никогаш не треба да заборавите да го практикувате вашиот глас. Ако не го практикувате тогаш некој друг ќе претпостави кој се вашите потреби и барања и ќе искреира политика која нема да биде во ваш интерес. Само вие ги знаете вашите интереси. Јас ги знам шпекулациите од изминатите изборни циклуси кои се однесуваа на тоа дека некој може да види за кого вие гласате, за наводните камери на гласачките места, во пенкалата, од страните на кутиите итн. Тоа се апсолутни невистини. Правото на глас е тајно и е лично. Вие имате право да гласате за кого сакате и според вашето убедување, тоа е ваше лично право. Кој и да ве праша за кого сте гласале го нарушува вашето право на таен глас. Вие сте тие кој што сте во гласачката кабина, позади пултот и гласате, рече Михајловска.
Помеѓу инспираторите кои на вечерната дебата споделија дел од своите гледишта и искуства, зборуваа за важноста на гласот на граѓаните од различни аспекти, од секојдневното живеење до демократија и владеење на правото имаше и студент на политички науки и докторант на Правен факултет.
За студентката на политички науки и граѓански активист Сара Миленкоска со искористувањето на правото на глас сите граѓани стануваат активни членови на заедницата или општество.
-Нашето право на глас е вредно и може многу работи да промени. Првиот чекор кој што можеме да го направиме, пред се како млади граѓани или бар да се потрудиме да го направиме колку тоа да изгледа безнадежно во одредени ситуации, е да сватиме дека пред се имаме еден вид на самопоседување. Преку тоа самопоседување можеме да сватиме дека нашето право на глас е начин преку кој можеме да влијаеме во општеството. Затоа што ние знаеме кој се нашите ставови, знаеме што сакаме да постигнеме, знаеме дека можеме со било каков придонес во ова општество да се потрудиме да направиме промена, рече Миленкоска.
Сите граѓани треба да се организираат за да си го направат поубаво општетвото во кое живеат. Да имаат поубави улици, клупи на улиците, канти за смет. Реално, за да се организираме треба да носиме одлуки. Не сите можеме да ги носиме одлуките па затоа избираме преставници кои во наше име носат за нас одлуки, рече пред младите велешани докторанд на правен факултет, Марко Кртолица.
– Значи преку тие одлуки се таргетира нашето секојдневие. Тие одлуки влијаат врз нас, каков квалитет на живот ни е потребен, од аспект на школство, здравство, културни или спортски потреби. Нашето секојдневие е детерминирано од тие одлуки, рече Кртолица.
На вечерната дебата во „Чао кафе“ присуствуваа млади велешани кои за првпат ќе го искористат уставното право на глас, на предвремените парламентарни избори закажани на 11 декември, годинава. Тие исто така споделија свои ставови и размислувања за правото на глас. Настанот [НА]ГЛАС е дел од младинската кампања „Избери што сакаш“ преку која се промовира важноста на гласачкото право. Оваа кампања, осмислена и водена од млади луѓе е спој на креатива, музика, филм, офлајн и онлајн дискусии, перформанси посветени на важноста на гласачкото право. Тимот зад кампањата го сочинуваат младински активисти од повеќе градови во Македонија, Младински образовен форум, Млади европски федералисти – Македонија и Фондација отворено општество – Македонија.
Убавка Јаневска