Заврши судскиот процес за вооружениот грабеж во Велес, бранителите на обвинетите бараат поблаги казни
Се чувствувам виновен и се каам за стореното дело. Вака денеска на главната расправа во велешкиот суд се изјаснија двајцата обвинети што во февруари годинава го ограбија возилото на Агенцијата за обезбедување „Перпетум мобиле“ во Велес. Дваесет и пет годишниот Кемал Ахмети и деветнаесет годишниот Агим Коруми и двајцата од Скопје, рекоа дека доброволно ја признаваат вината без какви било притисоци, уцени и ветувања од трети лица. Правниот застапник на Агенцијата „Перпетум мобиле“ рече дека нема да бараат оштета бидејќи штетата им била надоместена преку осигурителната компанија додека претставникот на оштетената Стопанска банка пак побара да им се вратат украдените пари.
Во завршните зборови, адвокатите на двајцата обвинети побараа од судскиот совет, при донесувањето на пресудата, да ги земе во предвид олеснителните околности поради признавањето на вината.
Разбојништвото се случи на осми февруари годинава и тоа среде бел ден во близина на спортската сала Гемиџии. Обвинетите, маскирани и вооружени го запреле возилото на Агенцијата за обезбедување со кое се пренесувале кутии полни со пари, наменети за банкоматот на Стопанска банка. Со пиштол им се заканиле на вработените во автомобилот и ги одзеле кутиите во кои имало четири милиони денари и избегале во Градскиот парк. Разбојниците и украдените кутии со пари полицијата ги пронајде во напуштена куќа во паркот.
Пресудата за двајцата обвинети за разбојништво, велешкиот суд ќе ја донесе на седми овој месец./Д.С