Партијата НДМ вети враќање на имотите на борците, пензионерите и синдикатот во Велес
За Народното движење за Македонија скандалозно е тоа што Власта и понатаму продолжува со одземање на имотот на Сојузот на борци на Македонија. Овој во основа антимакедонски и антипатриотски чин пред се е спорен и од Уставен аспект. Прво го повредува правото на сопственост и правото на гарантирана сопственост и владеењето на правната држава. Со ваквиот чин се сквернави и негира НОБ и антифашистичката традиција на Република Македонија. Скандалозното однесување на власта мора да престане, рече денеска на прес конференција во Велес, претседателот на партијата Јанко Бачев.
– Ние како народно движење за Македонија сме убедени дека по 11 декември, по промените и разбивање на двопартизмот на ВМРО ДПМНЕ и на СДСМ, сме убедени дека ќе бидеме одговорна власт која што ќе го врати ликот на Сојузот на борците на Македонија бидејќи не се работи за обична туку за организација со луѓе кои во голем дел ги дадоа своите животи за оваа држава и се втемелени во создавањето, постоењето и осамостојувањето на македонската држава. Затоа денеска, од тука од Велес, каде што е последно одземен имот на боречката организација, дека после 11 декември, после промените, НДМ како дел од новата власт ќе му го врати имотот на Сојузот на борците, рече Бачев.
Прес конференцијата на НДМ се одржа во штотуку отворената канцеларија на нивниот општински комитет во Велес на која локалниот партиски лидер Панче Жежов дополни дека по промените што на политичката сцена во Македонија ќе се случат на 11 декември освен имотот на борците, ќе се врати имот и на ССМ и на пензионерите во Велес.
– Наместо власта или поточно државата да ги финансира и помага за жал од овие организации одзеде имот. НДМ ќе помага не само на организациите туку и на секој граѓанин што се соочил со ваков или сличен проблем, рече Жежов.
Партиската канцеларија на НДМ се наоѓа на вториот кат во поранешната зграда на ССМ која пред неполни четири години и со судска одлука беше запишана како имот на општина Велес. /У.Ј