Караванот на граѓанската акција „Ние одлучуваме“ денеска во Велес
За ги поттикнат граѓаните да излезат на предвремените парламентарни избори закажани на 11 декември, годинава,особено оние кои во последните изборни циклуси предпочитаа да апстинираат, како и за да ги охрабрат да гласаат по сопствено лично убедување, граѓанските активисти на акцијата „Ние одлучуваме“ денеска го посетија Велес. Нивниот Караван го предводеше шарениот камион кој неколку часови кружеше низ главните улици во Велес додека од опремата што тој ја превезуваше се слушаа звучни пораки преку кои се повикуваа граѓаните на слободно гласање на претстојните избори, регистрирање на злоупотребите на јавните ресурси и институции за изборни цели, како и заканите и заплашувањата кон граѓаните за остварување на избирачкото право.
Активистите на оваа акција разговараа со велешани и ги запишуваа нивните приоритетни проблеми. Потоа јавно ги соопштија во перформанс што го изведоа на плоштад „С`рмаале“. Перформансот беше составен од трите приоритети на граѓаните на Велес поточно масовното исселување на велешани , сиромаштијата и стравот од енормно загадената почва што ги храни со производи во кои има огромни количества на тешки метали. Перформансот заврши со тоа што актерите на зградата на поранешниот хотел „Интернационал“ го спуштија главниот слоган на акцијата „Велес одлучува“.
– Пред се ова е кампања за подигање на свеста на граѓаните кои во последните години се изморија од политика па поради тоа не излегуваат на гласање. А сите ние сме свесни дека кога не се излегува на гласање тогаш со гласачките ливчиња се манипулира. Токму таквите ливчиња најчесто се употребуваат во изборни манипулации. Затоа ова кампања ја насловивме „Ние одлучуваме“ и им ја посветивме на граѓаните за да ги мотивираме да излезат и притоа сами да одлучат кому ќе му го дадат гласот, рече Замир Мехмети ,активист на Караванот „Ние одлучуваме“ .
Активистите на оваа граѓанска акција додека разговараа со велешани исто така им делеа примероци од весникот „Ние одлучуваме“. /У.Ј