Десет години Фондација „Фокус“: „Фокусирани на граѓаните и заедницата“
Создадена како производ од успешната приказна на Центарот за поддршка на невладини организации во Велес, Фондацијата за локален развој и демократија „Фокус“ одбележа една деценија постоење. Нејзините почетоци се поврзани со зајакнување на капацитетите на не така малубројниот граѓански сектор во локалната заедница. „Фокус“ како лидер организација ги помаѓаше граѓанските организации и во нив не гледаше конкуренција туку свои соработници. Сега кога ја одбележува првата декада од своето постоење Фондацијата не крие дека мотивацијата и ја дадоа граѓаните желни за демократија, базирана на принципи на добро владеење и одговорно општество.
„Граѓаните препознаа визионерство во основните цели на Фокус како што се развој, промоција и поддршка на практики за добро управување; зголемување на учеството на граѓаните во процесите на одлучување и развој на заедницата; промоција на филантропија, институционално и програмско јакнење на граѓанската организација“, напишаа вработените во фондацијата во брошурата со наслов „Фокусирани на граѓаните и заедницата“ издадена по повод јубилејот.
Во неа се собрани сите помали и поголеми успеси, постигнати во изминатите десет години на полето на локалниот развојот и демократија. Забележани се и сите 22 поголеми и помали проекти што се веќе реализирани или се реализираат во моментов затоа што се повеќегодишни. Петгодишен е проектот на УСАИД за поддршка на микропретпријатијата до јавни набавки.
А токму резултатите од штотуку завршениот проектот „Економско зајакнување на жените од вардарски регион“ , во партнерство со словенечката ИРД и финансиски поддржан од Министерството за надворешни работи на Република Словенија , беше причина на свеченоста по повод десетгодишниот роденден на Фокус да присуствува и Амбасадорот на Република Словенија во Република Македонија, Проф. Др Милан Јазбец.
– Ви го честитам јубилејот и сакам да потенцирам дека проектот „Економско зајакнување на жените од вардарски регион“ треба да се пофали бидејки во поширока смисла ја опфаќа еманципацијата на жените. Јас сум професор по дипломатија и еве во овој контекст сега се присетив на една теза што во воведот на магистерската тема ја напиша една магистрантка. Таа гласи вака: Ние жените преставуваме половина од светот а останатата половина сме ја родила. Ви посакувам успех во иднина. Ќе се видиме можеби уште некој пат. Ако ви затреба нашата помош тука сме, ќе се потрудиме заедно нешто да направиме, рече Амбасадорот Јазбец.
Фокус останува посветен на својата мисија, рекоа вработените во Фондацијата. Тие заедно со своите пријатели, поддржувачи и соработници се дружеа на средбата која ја именуваа како „Фокус и пријателите“. И не пропуштија да соопштат дека се подготвени за нови предизвици и проекти во кој граѓаните се и ќе бидат нивниот фокус./Д.С