Уште четири стипендии за средношколци и студенти годинава ќе додели општина Велес
Уште по двајца средношколци и двајца студенти годинава ќе добијат стипендија од општина Велес. За разлика од досегашните 16 годинава ќе се доделат 20 стипендии, 10 за студенти и 10 за средношколци. Општината од буџетот издвои уште 100 илјади денари па сега вкупната сума што ќе биде наменета за стипендирање ќе изнесува 350 илјади денари.
По две илјади денари, девет месеци ќе добиваат студентите, а средношкоците по 1.500 денари за стипендија. Ваква одлука донела советничката група на Коалицијата за подобра Македонија.
– Овие ученици и студенти се пример и за мотивација на останатите ученици и колеги, и затоа не случајна е намерата преку финансиска поддршка да се стимулираат за нови успеси. Убедени сме дека сите овие стипендисти ќе се изградат во врвни професионалци, со успешна кариера, но и со одговорност кон општеството кое инвестирало во нив. Нивните идни успеси ќе бидат добар знак за успешноста на целата заедница во која функционираме, рече советникот Живе Катранџиев.
Бројот на стипендисти финансирани од општинскиот буџет се зголемува по втор пат, за што советот на општината се откажал од репрезентација./Д.С