Министерот Спасовски: Граѓаните да пријават вклучување на полицијата во изборни активности или притисок
Полицијата треба да работи во функција на граѓаните и да ги штити нивните интереси, а не да се меша во политика. Ова од Велес го порача министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Особено сега, додаде тој, кога министертсвото има една од клучните улоги за спроведување на фер и демократски избори.
– Ова е многу сензитивен период , дадов наредби да се постапува исклучиво законски , да ја тргнеме политиката од полицијата и апелирам до сите граѓани на Велес и градовите кои припагаат под СВР Велес, доколку почувствуваат каков било притисок или вклучување во изборни активности на кој било вработен во полицијата или полициски службеник веднаш да пријават , да алармираат затоа што тоа не е работа на полицијата. Работа на полицијата е да ги штити граѓаните и да го штити изборниот процес воопшто, рече Спасовски.
Министерот Спасовски потврди дека има хоризонтални смени на вработени во одделенијата на велешкиот сектор за внатрешни работи и наспроти информациите од полицајци, инспектори и раководители, тој тврди дека станувало збор само за хоризонтални поместувања што биле дозволени со закон.
„Тоа не е ништо невообичаено, на исто ниво се поместени неколку полициски службеници заради одредена функционалност по проценка на Секторот за внатрешни работи, рече Спасовски.
На новинарско прашање дали се распоредени нововработените над шестотини полицајци, министерот Спасовски одговори дека се уште се чека согласност од министерството за финансии за да се потпишат нивните договори. Дел од нив ќе биле вработени и во велешкиот сектор.
Кога Спасовски беше прашан дали се безбедни податоците во компјутерскиот систем на Управата за безбедност и контраразузнавање откако се пласираа информации дека до нив можат да дојдат и луѓе кои не се во просторијата, тој рече дека директорот на УБК дал писмена гаранција до Специјалното обвинителство и дека ќе му бидат предадени како основа за спроведување на наредбата на судот.
Вакви посети министерот Спасовски ќе реализира и во другите сектори за внатрешни работи низ државата.
Даниела Саздова