Неиспорачаните огревни дрва до граѓаните повторно тема за препукување меѓу опозицијата и шумското во Велес
Грејната сезона е почната а граѓаните на Велес се уште ги немаат добиено огревните дрва од Јавното претпријатие Македонски шуми, подружница Велес. Иако им се платени пред седум месеци, тие се уште чекаат да им ги донесат дома, обвини денеска велешката опозиција. Тие велат дека дрва нема во складот на јавното претпријатие, а недостасувале и во другите градови низ државата. Затоа сметаат дека Македонски шуми, како што велат, се вмешани во криминал со нелегална продажба на огревно дрво, на штета на граѓаните.
– Доставувањето на дрвата е согласно договорот потпишан меѓу претпријатието и граѓаните и секој оној што ја има платено стоката треба да ја добие во времето кое што е договорено. Неможе некој да ги има платено дрвата во март или април а да ги добие во октомври. Сепак е тоа прекршување и за тоа треба некој да сноси одговорност и не може секоја година истото дасе повторува. Во ред е некогаш да направите грешка, еднаш или два пати, ама континуирано да ги лажете граѓаните, не е човечки воопшто, рече Весна Стојанова Богоевска.
Од подружница Шумско стопанство „Бабуна“ ги отфрлаат обвинувањата на опозицијата за кои велат дека се нарачани невистини. Тие се правдаат дека блокадата на локалниот пат била причина за доцнењето на дрвата во складот. Во нивната писмена реакција стои дека од складовите на шумското во Велес секојдневно се врши испорака од 150 до 200 метри кубни со камиони. Најавија дека следната недела ќе пристигнел и воз со поголема количина огревно дрво. Тврдат дека сите граѓани кои имаат платено, дрвата ќе ги добијат во наредните денови.
Даниела Саздова