Submit to FacebookSubmit to Google PlusSubmit to TwitterSubmit to LinkedIn

Се поголем е бројот на дуќани во Велес со катанец на врата. Само во редот на дуќани лоцирани кај мостот Гемиџии, од десетина, веќе подолго време се затворени шест. Клуч на врата ставија поголем број занаетчии и трговци, особено оние кои работеа во деловни простории сместени во стариот дел на градот и припаѓаат на јавното претпријатие за стопанисување со станбен простор. Слабата економска моќ на велешани е причината за затворањето на занаетчиските и трговските дуќани, велат дел од сопствениците кои затвориле или едвај сеуште работат.

- Морав да го затворам дуќанот. Не вадев пари ни за киријата да ја платам на јавното претпријатие. Велес, со затварањето на фабриките и безработицата, стана најсиромашен град во Македонија. Тетратката за вересија е преполна. Не можам да си ги земам парите и по неколку години откако го затворив дуќанот. Парите се кај младите па така во нашиот град единствено можат да опстанат само кафиќите. Големите компании ни го зедоа лебот. Имаат се и пари и стока, а за да не уништат често ја намалуваат и цената на производите и така не уништија, рече поранешен сопственик на колонијален дуќан.

- Тешко се работи особено ако немаш сопствен дуќан. Се заработува само да се плати киријата која на главната улица е доста висока. Нема каде да се оди. Во години сум, не ме примаат на работа , а немам никакви други приходи. ака да речам живеам ден за ден но, до кога не знам, рече сопственик на продавница за текстилни производи.

Од подрачната единица на Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор кое стопанисува со овие дуќани, велат дека дел од нив се затворени поради нивната местоположба. Тие се наоѓале на неатрактивен дел од градот и поради слабата фрекфенција на луѓе, закупците морале да им стават клуч.

- Проблем со затворањето на дуќаните е местоположбата а не цената на закупнината. Од десетина на мостот Гемиџии затворени се шест. Сега имаме распишано оглас за нивно повторно издавање. Цената на киријата изнесува од 2.600 денари без ДДВ за дуќан од 12 метри квадратни. Цената на киријата во новиот дел на градот е повисока поради местоположбата, рече во телефонскиот разговор раководителот на подрачната единица на Јавното претпријатие, Марјан Стефановски.

Трговски дуќани со кои стопанисува јавното претпријатие се затворени и во новиот дел на градот и оние лоцирани на местоположбата од Стар Мост кон Градскиот Саат. Градот има се помал број на терзии, саатчии, кондураџии и бербери. Одамна згаснаа и веќе не постојат и занаетчиските работилници. Со децении веќе не постојат дуќаните на самарџиите, којунџиите, ковачите, сарачите и другите занаети кои во минатото беа присутни во велешката, надалеку позната чаршија.

Стоилко Андреевски

 

 

 

SEMM baner MK

Поврзани вести

banerduma

 

 

baner i od veles se moze

E baner

Konsalting Jovevi

 
   
   
   
   

Најново