Јоксимовиќ и Џукиќ со остри критики за одлуката на ЗАМП, да се забрани српска музика во македонскиот етер
Забраните за емитување на српската музика во Македонија наидоа на остри критики од изведувачите и авторите кои годинава настапија во Велес на манифестацијата Питијада. Мега популарниот поп пејач Жељко Јоскимовиќ и фронтменот на легендарната рок група Ван Гог, Звонимир Џукиќ-Џуле, без скруполи одговараа на новинарските прашања за забраната што последниов месец дојде од ЗАМП и од СОКОЈ за емитување на српска музика во македонскиот етер. И Јоксимовиќ и Џуле сметаат дека тоа не смее да и се случува на музиката за која од секогаш се смета дека ги урива сите граници.
– Дали Вие сте дале забрана да не се емитуваат вашите песни во Македонија, гласеше новинарското прашање на прес конференцијата на Јоксимовиќ во Велес пред одржувањето на неговиот концерт во саботата, на вториот ден од питијадата.
– Јас веднаш се побунив против таа рестриктивна мерка на ЗАМП И СОКОЈ и мислам дека нашите песни не се виновни. Мора да постои друг начин кога се такви работи во прашање. Сигурен сум дека постојат и други автори кои се согласуваат со мене. Ќе повторам, сите мои композиции, како моите така и оние што сум ги напишал за други изведувачи се ослободени од забраната. Затоа јас вечерва ќе ги изведам своите композици, бидејќи се компонирани од мене, значи јас сум автор. Не знам дали ова ќе го прифатат и некои други асоцијации слични на ЗАМП, навистина не знам, но сакам да потенцирам дека и досега на годишно ниво, надоместот за авторските права што сум го добивал е минимален. Па ако треба да одберам дали да добијам минимален надомест, тогаш ќе одберам музиката да и се врати на публиката, затоа што таа не познава какви било граници ниту може да се спореди со каков било хонорар, рече Јоксимовиќ.
Тој со категорично не, одговори на новинарско прашање дали од српската авторска агенција СОКОЈ бил информиран дека ќе издаде забрана за емитување на неговите композииции на македонските медиуми. Образложи дека најверојатно станува збор за некаква задкулисна одлука на телото која што во рамките на СОКОЈ функционира како одбор што кај него лично предизвикало револт. Јоксимовиќ се надева дека неговиот пример ќе го следат и сите останати негови колеги во Србија.
Со сличен став е и вокалниот солист на групата Ван Гог, Звонимир Џукиќ-Џуле.
-Сакам да кажам дека не признавам никакви одлуки на институции кои забрануваат наша музика да се пушта во Македонија. Пуштајте луѓе музика, слушајте ја, не обрнувајте внимание на СОКОЈ, не обрнувајте внимание на сите оние кои сакаат од нашата пот и од нашите емоции кои излегле од нашите пумпи, од срце со љубов, да ги претворат во метал, пари, рече Џуле.
Овие музичари се надеваат дека и македонската и српската агенција за авторски права наскоро ќе ја укинат забраната и хитовите на познатите музичари повторно ќе се емитуваат на македонските медиуми.
Убавка Јаневска
Даниела Саздова