Верижен судар кај наплатна рампа „Отовица“ на автопатот Велес -Скопје
Шестмина повредени пациенти претпладнево се пренесени во болницата во Велес од верижната сообраќајна несреќа што се случи кај наплатната рампа Отовица, на автопатот Велес-Скопје. Тие патувале во возила од марките „мазда“, „мерцедес“ и „голф“ со прилепски регистерски ознаки како и „опел“ и „волво“ со кавадаречка регистрација. Според трауматологот во велешката болница, прим. др Филип Тодоровски, со тешка телесна повреда се здобил само возач на автомобил со прилепска регистерска табличка.
– Сите шестмина пациенти беа транспортирани на хирушкото одделение во велешката болница. Само кај пациент од Прилеп, возач на еден од автомобилите, констатиравме тешка телесна повреда. Станува збор за скршеница на клучна коска, на левата страна, нагмечување на граден кош и на лева шака. Нема знаци за витално загрозување на животот. Денеска и тој ќе биде пуштен на домашно лекување како и претходно прегледаните пациенти кои за среќа поминаа без тешки последици, рече прим. др Тодоровски.
Екипа на СВР Велес направила увид на местото на сообраќајката. Бил информиран и Јавен обвинител за подрачје на општина Велес. Тие ќе ги утврдуваат причините како дошло до несреќата./У.Ј